Американскиот технолошки гигант „Google“ побара од германскиот суд заштита на деловните тајни по одлуката на регулаторот за пазарна конкуренција да ги вклучи конкурентите во истрагата за злоупотреба на доминантна позиција на пазарот.
Регулаторот истражува дали „Google“ ја искористува својата доминантна позиција на пазарот за инфозабавни системи во возилата.
Во јуни минатата година, регулаторот Bundeskartellamt го предупреди „Google“ дека ги прекршува прописите за еднаква конкуренција со процесот на лиценцирање за инфозабавни услуги, бидејќи ги нуди само во пакетот „Google Automotive Services“. Компанијата, исто така, им нуди на одредени производители на автомобили опција да ги споделат приходите од реклами само доколку инсталираат „Google Assistant“ во нивните возила.
Услугите на „Google“ мора да бидат стандардни во возилата со пакетот „Google Automotive Services“ и компанијата ја отежнува или одбива интероперабилноста на системот со услугите на конкурентите, објави германскиот регулатор.
„Голем број процедури на Google за доделување лиценци за Google Maps, Google Assistant и Google Play во возила се некомпатибилни со нашите регулативи за големи дигитални концерни“, заклучи регулаторот.
„Google“ понуди решенија, а Bundeskartellamt побара мислење од конкурентските компании за своите предлози, вклучувајќи ги во истрагата и специјалистот за сателитска навигација „TomTom“ и давателот на услуги за гласовни асистент „Cerence“.
Американскиот дигитален гигант верува дека регулаторот отишол предалеку, објасни пред судот адвокатот на „Google“. На конкурецијата не ѝ се потребни детали за услугите, туку само општата слика, изјави тој.
Претставникот на регулаторот пред судот истакна дека конкурентите најдобро го познаваат пазарот и подобро ќе ги проценат соодветните критериуми.
Не се знае кога судот ќе донесе пресуда, забележува агенцијата dpa.