Тинк Тенк Аналитика: 77,5 отсто од учениците поминуваат три до четири часа дневно на социјалните мрежи каде се изложени на сајбер насилство

Тинк Тенк Аналитика денеска ги презентираше анализите од истражувањето за „Сајбер безбедност за младите: Зголемување на свеста и унапредување на знаењата на младите и наставниците за сајбер насилството“ што е подржано од Амбасадата на Канада за Србија, Црна Гора и Северна Македонија.

Во своето истражување Аналитика наведува дека речиси половина од вкупниот број анкетирани ученици односно 46,5% биле жртви на сајбер булинг или биле сведоци на истото, а дури 70% сметаат дека треба да се подигне свеста за овој проблем.
Тамара Спасова, Извршен директор на Аналитика наведува дека иако интернетот е извонредна алатка за комуникација и учење таа носи свои ризици и опасности, особено кога станува збор за сајбер-насилството.

„Статистиката од истражувањето покажува дека 84% од студентите поминуваат повеќе од 3 до 4 часа онлајн секој ден, а значителен дел од тоа време го посветуваат на Facebook, Instagram, TikTok и Snapchat. Токму на овие платформи тие се најчесто изложени на сајбер насилство и вознемирување. Затоа мора заедно да ја подигнеме свеста за сајбер насилството и воведеме нови методи за справување со истото. Сепак драго ми е што учениците се свесни за проблемот и дури 70% од нив сметаат сајбер насилството не е проблем само на децата во училиштата. Тоа е проблем кој не засега сите нас и има далекусежни негативни последици на општеството. Тоа не познава граници на пол, верска и етничка припадност. Ова се универзални предизвици кои бараат наше колективно внимание и усогласена акција“, потенцира Спасова.
Министерот за образование и наука Јетон Шаќири кој е на врвот на пирамидата во изнаоѓањето начини и методи на делување и нивно спроведување со цел намалување на сајбер насилството појасни дека преку програмата за стручно усовршување на наставниците, министерството континуирано спроведува обуки за наставници и стручни соработници во училиштата.

„Новото лице на насилството кое станува сѐ поприсутно, е сајбер насилството. Дигиталната технологија и мобилните телефони покрај позитивните страни не изложува и кон закани на приватноста и безбедноста. Најранливи се децата и младите. Преку програмата за стручно усовршување на наставниците ние имаме посебен модул за стравување со врсничкото и сајбер насилство, преку обуки за стручните соработници. Со меѓународните организации организираме обуки за сајбер насилниците и наставниците и со Министерството за информатичко општество и администрација во 43 училишта поставивме техничка опрема за ограничено користење интернет. Борбата против сајбер насилството е континуирано и ги прибира реалните состојби кои се вметнуваат во документи за кои потоа правиме мерки како да делуваме. Само доколку сите чинители во образованието и општеството работиме заедно може да изградиме средина во која сајбер насилството е неприфатливо“, рече министерот Шаќири.

Амбасадата на Канада е горда што е поврзана со овој проект, финансиран од „Канадски фонд за локални иницијативи“ затоа што овие анализи се темелот на изготвувањето мерки за намалување на која ја носи сајбер булингот, рече заменик шефот на мисијата на Амбасадата на Канада Дејвид Морган.

„Не можеме да ги вратиме социјалните медиуми во нивните кутии но, можеме и мораме да се обидеме да ја ограничиме штетата која може да ја направат на достоинството, честа, умот, имагинацијата и психата на оние кои се под негово влијание. Имаме должност како родители, наставници, граѓани и законодавци да се обидеме да ја поправиме рамнотежата, да ги заштитиме и обезбедиме алатки на оние на кои инаку би можеле да им го нарушат животот од анонимни кукавици и предатори“, истакна Морган.

Маја Христовска, проектниот експерт на Тинк Тенк Аналитика пак ја презентираше анализата која говори дека единствено отворената комуникација дома и со стручните служби во училиштето се позитивниот резултат за надминување на сајбер булингот.
„70,7% од учениците сметаат дека свеста во општеството и нивната средина во врска со сајбер насилството е ниска и просечна. Позитивен е фактот дека 72% од учениците се изјасниле дека би побарале помош побарале од стручна служба, класен раководител или од самите родители. Ова укажува дека сепак отворената комуникација меѓу родителите и децата, или пак помеѓу наставниците (класниот раководител) и децата е позитивен знак или клучно решение во справувањето со каков било вид на врсничко насилство“, рече Христовска.

Истражувањето покажува и дека 84% од учениците поминуваат повеќе од 3 и 4 часа на интернет секојдневно. 77.5% од нив тоа време го поминуваат на социјалните мрежи (Facebook иInstagram (74%) ,TikTok (68.2%) и Snapchat(67.7%)). Само 14 % од испитаниците присуствувале на работилници наменети за безбедно користење на сајбер просторот, додека останатите се изјасниле дека во нивните училишта не се одржуваат вакви работилници или дека не се информирани за тоа. 62.2 % од нив сметаат дека е многу важно постоењето на неформални врснички клубови во нивните училишта преку кои ќе се врши едукација за сајбер безбедност со цел подобрување на училишната клима и справување со насилството.
На крајот на овој настан беше изведена мултимедијална театарска претстава за сајбер насилство во изведба на учениците кои беа дела од овој проект, преку која ги доловија реалните предизвици на оваа појава.
Анализата која ја изработи Тинк Тенк Аналитика се темели на истражување спроведено во септември 2023 година на репрезентативен примерок од 507 испитаници, ученици од три средни училишта на Град Скопје и две основни училишта од Општина Карпош.