
Чешката Република преговара со Германија за донација на 15 тенкови „Leopard 2A4“ како компензација за чешката воена поддршка за Украина и за евентуално купување на уште 15 од германската одбранбена индустрија, објави чешкото Министерство за одбрана.
Чесите добија 15 тенкови „Leopard 2A4“ како претходна донација од Германија, а планираат да нарачаат десетици најмодерни верзии на „Leopard 2А8“, кои би биле испорачани во наредните години. Министерството во средата соопшти дека дополнителните 15 тенкови ќе чинат неколку стотици милиони евра и ќе ѝ помогнат на земјата во екот на транзицијата од опремата од советската ера, од која голем дел ја донирала на Украина.
„Доколку тековните преговори успешно завршат, Чешка ќе има 42 борбени тенкови ‘Leopard 2A4’“, се вели во соопштението на чешкото Министерство за одбрана.
Тенковите „Leopard“ заеднички ги произведуваат германски концерни „Rheinmetall“ и „Krauss-Maffei Wegmann“.
„По 2030 година, чешката армија може да има повеќе од 100 тенкови Leopard во две верзии во активна служба и во резерва“, се додава во соопштението од Прага.
Чешката влада преговара со германската влада за купување на околу 70 тенкови „Leopard 2А8“ .
Покрај веќе донираните 15 „Leopard 2А4“, чешката армија сè уште користи 30 модернизирани тенкови „Т-72М4ЦЗ“ од советската ера и некои немодернизирани „Т-72“, но повеќето од нив беа донирани на Украина.
„Чешка беше првата земја што испрати тешка опрема во Украина во 2022 година и досега има обезбедено 62 тенкови Т-72, како и 131 пешадиско борбено возило, 16 системи за противвоздушна одбрана и шест хеликоптери од воените резерви“, рече премиерот Петр Фиала, цитиран од новинската агенција ČTK во средата.
Повеќе опрема беше испратена преку приватни компании, додал Фиала.