Во четвртокот германскиот парламент Бундестаг со мнозинство гласови на владејачката социјалдемократско-зелено-либерална коалиција по вторпат за речиси еден месец го отфрли барањето на опозициските демохристијани за испорака на крстосувачки ракети со долг дострел „Taurus“ на армијата на Украина.
Претходно на 17-ти јануари годинава, пратениците на владејачката коалиција, исто така, го отфрлија предлогот на опозициската демохристијанска унија за снабдување со ракетите со долг дострел „Taurus“ на Киев.
Опозициската Христијанско-демократска унија CDU/CSU повторно поднесе барање во Бундестагот со кое се повикува на „пресврт во германската надворешна и безбедносна политика“, што ќе овозможи испорака на ракетниот систем „Taurus“ во Украина.
Претседателот на Христијанско-демократската унија (CDU) и претставничката група на Унијата CDU/CSU во Бундестагот, Фридрих Мерц, ги повика претставниците на партиите на владејачката коалиција на социјалдемократите, зелените и либералите да гласаат според нивната совест и да го одобрат одобрувањето на ракетните системи.
„Украина сè уште не го добива целиот износ на ресурси што ѝ се потребни за успешно да се одбрани од руската агресивна војна“, рече Мерц.
Советот за безбедност на Германија, во кој германскиот канцелар Олаф Шолц го има одлучувачкиот збор, ја отфрла испораката на германскиот ракетен систем „воздух-земја“ за Украина. Аналитичарите сметаат дека Шолц ја отфрла испораката на ова оружје имајќи предвид дека овие ракети со дострел од 500 километри би можеле да се користат и против цели длабоко на територијата на Русија и да служат за можна ескалација на конфликтот.
Камен на сопнување во однос на понудата на ракетите „Taurus“ веќе подолг период е нивниот дострел од 500 километри. Досега Германија суштински не пренесувала оружје со такви карактеристики на украинските вооружени сили. Локалната експертска заедница дискутираше дали овие проектили може да се програмираат за да не можат да се користат за напад на руски региони. окму ова прашање го интересирало канцеларот Олаф Шолц и затоа наводно се воделе преговори со претставници на германската воена индустрија. Во октомври минатата година, самиот Шолц изјави дека Германија треба да избегне ескалација, па затоа моментално не се размислува за испорака на ракети со долг дострел на Киев.
Москва постојано забележува дека западната воена помош не ѝ носи добро на Украина и само го продолжува конфликтот, додека транспортот со оружје станува легитимна цел на руската армија.
„Taurus“ е една од најмодерните ракети, наводно способна да уништи бункерски комплекс од голема далечина и висина. Шолц на почетокот на октомври одлучил дека засега нема да ја снабдува Украина со ова оружје, плашејќи се токму дека Украина би можела да ја цели руската територија.