Напаѓачот со нож во германска гимназија наводно е ментално болен

Напаѓачот во училиштето во германскиот град Вупертал, кој во четвртокот утрото рани четворица ученици во тамошната гимназија, боледувал од психички нарушувања, јавуваат германските медиуми.

Како што јави јавниот сервис WDR, директорот на гимназијата каде што се случило злосторството ги известил родителите дека напаѓачот е 17-годишен ученик кој боледувал од ментална болест, ненаведувајќи поединости.

Полицијата соопшти дека напаѓачот „сосема ненадејно“ со нож ги нападнал соучениците кои биле во негова близина, меѓу кои и неговите пријатели, и дека на крајот се прободел в градите. Заднината на нападот сѐ уште е целосно нејасна, соопшти полицијата.

За наапдот во гимназијата во центарот на градот била известена полицијата нешто пред 10 часот. Во обемната полициска акција што веднаш следела, училиштето било успешно евакуирано и целата област обезбедена, а полицијата во првите пријави констатираше дека немало пукање во текот на инцидентот. Медиумите тогаш објавија дека во нападот бил употребен нож.

Полициски хеликоптер можеше да се види како кружи над училиштето, додека голем број полицајци со автоматски пушки беа меѓу брзата помош на местото на настанот, пренесуваат медиумите.

Надлежните изјавија дека е формирана контакт точка за родители, центар за поддршка. Многу ученици изгледале видно потресени од она што се случило додека нивните родители доаѓале да ги земат.

Во Германија во последните години имаше неколку масакри во училиштата, од кои најсмртоносниот се случи во 2022 година во Ерфурт, кога ученик со огнено оружје уби 16 ученици.