Унгарскиот парламент го одобри приемот на Шведска во НАТО

Унгарскиот парламент во понеделникот го одобри законот со кој ѝ се дозволува на Шведска да се приклучи на НАТО, конечно отворајќи го патот на нордиската земја да се приклучи на западната воена алијанса додека беснее војна во Украина.

Унгарија беше последната од 31-та членка на Алијансата што го ратификуваше членството на Шведска по неколку месеци одолговлекување од страна на владејачката партија Фидес по ова прашање.

Премиерот Виктор Орбан во понеделникот во парламентот, пред гласањето, рече дека шведско-унгарската одбранбена соработка и приемот на Шведска во НАТО ќе ја зајакнат безбедноста на Унгарија.

Шведска по децениската само декларативна воена неутралност а континуирана воена соработка во воени вежби и наменската индустрија со НАТО, во мај 2022 година и формално поднесе барање да стане членка на НАТО, правдајќи се дека потегот наводно е предизвикан од руската инвазија во Украина.

Унгарија беше досега единствената членка на НАТО која сѐ уште не го ратификуваше шведското барање, процес кој бара поддршка од сите земји членки. Одговорот на Будимпешта, всушност беше реакција на политиките на официјален Стокхолм против унгарските власти особено во поглед на блокадите во Европската унија и постојаните критики за наводното кршење на владеењето на правото, на правата на ЛГБТИ заедницата и тн во Унгарија.

Донеодамнешното одбивање на Турција и сега на Унгарија да го ратификуваат барањето на Шведска за членство во НАТО, предизвика стравови меѓу земјите членки за единството на блокот.

Владејачката унгарска партија Фидес порача дека се неосновани континуираните шведски обвинувања за наводното поткопување на демократијата во Унгарија, што е основната причина што Шведска сѐ уште не го доби унгарското зелено светло за во НАТО.

Орбан, кој одржува блиски односи со Русија и е во големо разидување со некои западноевропски членки на ЕУ и НАТО, повеќепати рече дека неговата влада го поддржува влегувањето на Шведска во НАТО, но процесот на ратификација се закочи во унгарскиот парламент од средината на 2022 година.

Пред десетина дена премиерот Виктор Орбан пред своите приврзаници изјави дека „нашиот спор со Шведска наскоро ќе биде разрешен“ откако со шведскиот премие Улф Кристерсон преземале чекори за „обновување на довербата“ меѓу двете земји.