Макрон ги собра европските лидери, вели дека се решени да ја поддржат Украина

Лидерите на повеќе од 20 европски земји се собраа во понеделникот во Париз на покана на францускиот претседател Емануел Макрон да испратат порака дека се решени да продолжат да ја поддржуваат Украина, две години по почетокот на руската инвазија.

Во својот воведен говор, Макрон рече дека сите собрани споделуваат „непоколеблива определба да не ѝ дозволат на Русија да победи во Украина„.

„Русија е се поагресивна на бојното поле и подготвува нови напади“, рече Макрон.

Притоа ѝ честиташе на Шведска за влезот во НАТО, откако унгарскиот парламент го ратификуваше барањето на Шведска за членство во тој воен сојуз.

Во видео-обраќањето на самитот, Зеленски се заблагодари за поддршката и нагласи дека „милиони животи“ биле спасени со соработката на Украина и западните земји.

„Заедно мораме да се погрижиме (рускиот претседател Владимир) Путин да не може да ги уништи нашите достигнувања и да ја шири својата агресија во други земји“, рече Зеленски.

На состанокот во Елисејскиот дворец се претставници на 27 земји, меѓу кои германскиот канцелар Олаф Шолц, шпанскиот премиер Педро Санчез, холандскиот премиер Марко Руте и полскиот претседател Анджеј Дуда.

Велика Британија ја претставува министерот за надворешни работи Дејвид Камерон, Канада министерот за одбрана Бил Блер, а САД помошникот државен секретар за Европа, Џејмс О’Брајан.

Самитот беше најавен како работен состанок за тоа како да се поддржат воените напори на Украина, вклучително и со муниција што ѝ недостига на Украина. Елисејскиот дворец во пресрет на самитот објави дека тоа е можност сојузниците „да го потврдат своето единство и одлучност да ја одбранат Украина од руската агресија“.