Сметката на Х на покојниот Метју Пери цел на хакери

Прифилот на неодамна починатиот американски актер Метју Пери на социјалната мрежа Х наводно бил мета на хакери.

Целта на хакерскиот напад се чини дека била фондацијата, која е формирана во чест на ѕвездата напопиларната телевизиска серија „Пријатели“, која почина во октомври на 54-годишна возраст, бидејќи линкот за донација прикажана на врвот на страницата на социјалната мрежа, ги пренасочувала донаторите на лажна страница која собира донации преку криптовалута.

Во објавата на Instagram на Фондацијата Метју Пери се вели: „Добивме известување дека официјалната X страница на Метју е хакирана и ги упатува корисниците на лажна страница која собира донации преку криптовалути“.

„Бараме да не донирате преку оваа страница и да не споделувате лажни објави на социјалните мрежи. Единствената веб-страница поврзана со Фондацијата е MatthewPerryFoundation.org, што значи дека прифаќаме само донации преку неа“, се вели во објавата.

„Ова е единствената официјална сметка на Фондацијата Метју Пери на Instagram и објавуваме само официјални информации на Фондацијата. Затоа, пријавете ги лажните сметки и не испраќајте донации преку кој и да е друг канал освен MatthewPerryFoundation.org. #MatthewPerry“, се предупредува.

Во декември, смртта на Пери беше прогласена за несреќен случај поради „акутен ефект од консумирање кетамин“. Актерот, најпознат по улогата на Чендлер Бинг во хит американската комедија „Пријатели“, беше пронајден мртов во својот стан на 28-ми октомври.

Пери отворено зборуваше за неговата борба со злоупотреба на супстанции и неговата зависност, и основаше установа за помош на луѓето со слични проблеми. По неговата смрт, основана е фондација која го носи неговото име и им помага на сите кои се борат со зависноста.