
Цените на нафтата се зголемија во вторник на меѓународните пазари до 83 долари, под влијание на очекувањата дека водечките производители може да ја намалат понудата напролет и пригушената загриженост за кинеската побарувачка.
На лондонскиот пазар цената на барелот попладнето беше за 50 центи повисока отколку на вчерашното затворање на тргувањето и изнесуваше 83,03 долари. На американскиот пазар со барел се тргуваше за 60 центи поскапо, по 78,18 долари.
Одделно, Организацијата на земјите извознички на нафта (OPEC) објави дека во понеделникот барелoт од референтната нафтена кошница на нејзините членки поевтинил за 1,40 долари, на 80,83 долари.
Пазарите внимателно ги следат преговорите за прекин на огнот во Појасот Газа. Американскиот претседател Џо Бајден изјави дека Израел е подготвен да ги запре нападите врз Газа за време на светиот муслимански месец Рамазан и дека договорот за прекин на огнот може да биде потпишан веќе следната седмица. Но, претставници на Хамас рекоа дека изјавите на Бајден се предвремени, бидејќи сè уште ја проучуваат понудата.
Портпаролот на јеменското шиитско движење Ансар Алах во вторникот соошти дека ќе ги прекине операциите во Црвеното Море за поддршка на Палестинците дури откако Израел ќе ја заврши својата агресија во Газа и ќе ја заврши блокадата на окупираната палестинска територија.
Јеменското движење ја попречува пловидбата на бродовите поврзани со Израел, а по американските и британските напади врз цели во Јемен, го прошири списокот на цели вклуќувајќи ги британските и американските бродови кои пловат во областа. Јеменските проектили и беспилотни летала го нарушуваат транспортот и ги зголемуваат трошоците.
Во меѓувреме, трговците се фокусираа на европската побарувачка за дизел, откако податоците покажаа дека американскиот извоз е речиси преполовен во февруари поради проблемите во големите рафинерии.
„Сите ние го следиме дизелот“, рече Џон Килдаф од „Again Capital LLC“.
Истовремено, некои аналитичари проценуваат OPEC и нејзините сојузници ќе го продолжат договорот за намалување на понудата во март за поддршка на цените.
„Очекуваме OPEC+ да објави дека ги продолжува квотите (кои вклучуваат доброволно намалување на производството – з.р) барем до министерскиот состанок во јуни за понатамошна поддршка (на цените)“, напиша во белешката Хелима Крофт од „RBC Capital Markets“.
Пазарите беа поттикнати и од индикациите за зајакнување на кинеската побарувачка.
„Загриженоста за кинеската побарувачка се намалува, бидејќи рафинериите продолжуваат брзо да купуваат нафта на физичкиот пазар по порастот на патувањата за кинеската Лунарна нова година“, пишуваат аналитичарите на „ANZ Bank“.
Русија во вторникот одделно објави дека ќе го прекине извозот на бензин до септември за да обезбеди домашно снабдување и да ги заузда цените.