ВИДЕО| САД не сакаат ескалација на тензиите меѓу Израел и Хезболах

Соединетите држави не сакаат натамошна ескалација на тензиите меѓу Израел и Хезболах, објави во вторникот американскиот Стејт департмент, додавајќи дека Израел го убедил Вашингтон дека сака дипломатско решение.

Портпаролот на Стејт департментот, Метју Милер, на редовниот дневен брифинг со новинарите изјави дека десетици илјади Израелци на северот на земјата се соочуваат со реална безбедносна закана која треба да биде решена и дека Вашингтон се стреми кон дипломатско решение на ситуацијата.

„Не сакаме да видиме ниту една од страните како ескалира конфликтот на северот (на Израел). Израелската влада јавно кажа и приватно не увери дека сака да постигне дипломатски пат. Така што ние ќе продолжиме да го следиме, а тоа на крајот би ја направило воената акција непотребна“, рече портпаролот на дипломатијата на САД.

Милер говореше откако Хезболах соопшти дека истрелал низа проектили врз базата за воздушно набљудување на Израел во вторникот како одговор на нападот на Тел Авив на најдлабоката територија на Либан досега. Немаше извештаи за жртви веднаш по ракетниот напад.

Хезболах од 8-ми октомври речиси секојдневно разменува оган со Израел долж јужната граница на Либан, ден по крвавиот напад на Хамас врз јужен Израел што доведе истиот ден до израелска копнена, воздушна и поморска офанзива во Појасот Газа.

Израелскиот министер за одбрана Јоав Галант во неделата изјави дека Израел има намера да ги засили нападите против Хезболах во случај на евентуален прекин на огнот во Појаост Газа „до целосно повлекување на Хезболах“ од границата.

„Иако ги видовме коментарите на министерот за одбрана (на Израел), забележавме и дека министерот за одбрана и други израелски владини претставници, вклучително и премиерот, постојано јавно кажаа дека претпочитаат ситуацијата да се реши по дипломатски пат“, додаде Милер.

Приближно 50 цивили се убиени во израелските напади во Либан од октомври, како и околу 200 борци на Хезболах.