Тешка престрелка избувна во главниот град на Хаити, Порт-о-Пренс во четвртокот, при што водачот на една од најголемите вмешани банди зборуваше за координирани напади чија цел е да се собори од власт премиерот Ариел Анри.
Престрелки се слушале во неколку населби во областа на Порт-о-Пренс, додека безбедносните сили се обидувале да ги одбијат напаѓачите кои изведувале напади врз полициските станици, полициската академија и други стратешки локации, како што е аеродромот Тусен-Лувертур.
Училиштата, универзитетите и бројни јавни и приватни институции ги прекинаа своите активности, додека стотици луѓе се засолниле во своите домови.
Студентите на Државниот универзитет на Хаити биле земени како заложници пред да бидат ослободени, изјави за AFP деканката на земјоделскиот факултет Жоселин Луисен. Најмалку еден ученик бил застрелан и повреден во нападот, додала таа.
Неколку авиокомпании ги откажаа своите домашни и меѓународни летови откако проектили погодиле авиони и делови од аеродромскиот терминал Тусен-Лувертур.
Од атентатот на претседателот Жовенел Моасе во 2021 година, Хаити се соочи со сериозна политичка, безбедносна и хуманитарна криза, при што вооружените банди ја преземаа контролата врз поголемиот дел од земјата додека секојдневно расте бројот на убиствата.
На власт од 2021 година, Ариел Анри требаше да ја напушти функцијата на почетокот од февруари.
„Денеска објавуваме дека сите вооружени групи ќе дејствуваат за да го издејствуваат заминувањето на премиерот Ариел Анри. Ќе ги искористиме сите стратегии за да ја постигнеме оваа цел. Ја преземаме одговорноста за сето она што моментално се случува на улиците“, изјави водачот на бандата Џими Шеризие, алијас Барбекју, во видео објавено на социјалните мрежи.
Премиерот Ариел Анри моментално е во Кенија, земјата која ќе ја предводи мисијата на Обединетите нации за помош на полицијата во борбата против бандите. Обединетите нации во четвртокот објавија и дека пет земји го потврдиле своето учество во оваа коалиција, и тоа Бахамите, Бангладеш, Барбадос, Бенин и Чад.