
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху повторно го повика Хамас да направи отстапки пред понатамошните преговори за нов прекин на огнот и ослободувањето на израелските заложници што во Појасот Газа сѐ уште ги држи исламистичкото движење.
„Вложуваме големи напори за да успееме, но една работа ви е јасна – нема да капитулираме пред лажните барања на Хамас“, рече десничарскиот премиер во говорот во Тел Авив во неделата ноќта.
Во неделата, Израел не испрати преговарачки тим на разговорите во Каиро чија цел е постигнување прекин на огнот во Газа и размена на заложниците, додека делегација на Хамас престојуваше во египетската престолнина. Израел, меѓу другото, бара список на заложници кои сè уште се живи и ги држи Хамасм пред да се согласи да учествува во преговорите со посредство на Египет, Катар и САД.
Нетанјаху рече дека е премногу рано да се каже дали ќе има цврста рамка за договор во следните неколку дена.
Израел, исто така, сака да ги одреди палестинските затвореници што Хамас сака да бидат ослободени од израелските затвори за секој ослободен заложник. Според неодамнешните извештаи на медиумите, нацрт-договорот за кој се разговараше последните денови може да дозволи размена на 40 заложници за 400 Палестинци во израелските затвори.
Меѓутоа, Нетанјаху рече дека сè уште не добил задоволителни одговори и го отфрли „меѓународниот притисок да се стави крај на војната“ пред Израел да ги постигне сите свои цели. „Со или без договор, ќе се бориме до целосна победа“, порача Нетанјаху.