Германскиот канцелар Олаф Шолц го потврди во понеделникот своето одбивање на испораките на крстосувачките ракети „Taurus“ на Украина и истакна дека трансферот на такво вооружување е исклучен, бидејќи за тоа е неопходна вклученост на германската војска.
Како што пренесува службената германска новинска агенција DPA, во текот на престојот во градот Зинделфинген во југозападниот дел од земјата, канцеларот Шолц разговорите за можните испораки на проектилите „Taurus“ на Украина ги нарекол „чудна дискусија“.
„Не да се случи да се испорачува борбен систем кој има многу долг опсег на дејствување, без да се размислува како да се врши контрола над него. А, доколку сакате да го контролирате, и тоа е возможно само со учество на германската војска, тогаш тоа (испораката) е целосно исклучена“, истакнал Шолц.
„Јас многу јасно го кажав тоа. Јас сум канцелар и затоа тоа има валидност“, нагласил Шолц.
Истовремено, канцеларот не се осврна на снимката од конференциската дискусија меѓу високи офицери на Бундесверот, на која се разгледувала можноста за испораки на ракетите „Taurus“ со дострел околу 500 километри на украинската војска. Германските офицери притоа разгледуваат кон кои руски цели би можело да биде употребено тоа оружје споменувајќи го Кримскиот мост.
Главна тема на дискусијата е како да се обучат и дали воопшто украинските војници можат да го употребат ова оружје, а притоа да се прикрие учеството на Германија.
Бидејќи Шолц повеќепати изјави дека се противи на испорака на ракетите „Taurus“ на Киев поради опасноста Германија директно да биде вовлечена во конфликтот со Русија, Москва го постави прашањето дали во германската армија дејствува своеволно и без контрола од владата.
Претходно, за време на разговорот со граѓаните во Дрезден, шефот на германската влада повторно се изјасни против снабдувањето на споменатите ракети на Киев, објаснувајќи дека доколку тие не се програмираат правилно, проектилите би можеле да погодат цели во Москва.