Најчести жртви и тоа речиси во 80 отсто од случаите се жени, додека 92 отсто од сторители се мажи, се вели во извештајот на Државниот завод за ревизија (ДЗР) и со тоа се заклучува дека нема промена во однос на родовата припадност на релација жртви – сторители.
За дури 61 отсто пораснал бројот на пријавени случаи на семејно насилство во 2022 година, споредено со 2018 година, додека во истиот период процентот на сторители на ова кривично дело на кои им била изречена казна затвор се намалил на само еден отсто.
Ваквите состојби во врска со семејното насилство ги покажува инфографикот на Државниот завод за ревизија (ДЗР) изработен во рамките на кампот за родови податоци кој се одржал во Измир, Турција, организиран од канцеларијата ОН жени во С Македонија.
Фокусот на кампот, на кој учествувале и претставници од ДЗР, бил преку развој на нови вештини и истражување официјални и отворени податоци да се развијат решенија за прашањето на родова еднаквост, конкретно ставање крај на семејното насилство, економско зајакнување на жените, како и значајно политичко учество на жените во столбовите на власта и процесите на одлучување.
„Кампот не само што ги подобри вештините на учесниците во областа на родовите податоци туку и отвори пат кон втората фаза на проектот преку која се разви партнерство со мрежата на ентузијасти за родови податоци кои успешно го завршија кампот“, се наведува во соопштението на Државниот завод за ревизија.
За финалниот проект вработени во ДЗР со тимот направиле анализа за состојбите со семејното насилство во земјава врз основа на официјални податоци од Министерството за внатрешни работи.
Анализата се однесува на пријавени случаи на семејно насилство, колкав е бројот на жени жртви на ова кривично дело, колку од ваквите случаи завршуваат во судовите и колку од нив имаат правна разрешница, односно колку од сторители се осудени на затворски казни.
Податоците, како што може да се види од инфографикот, не се оптимистички, туку напротив одат во насока на тоа дека треба уште многу да се работи на оваа проблематика, за што од ДЗР наведуваат и серија препораки.
Така, во 2022 година биле регистрини 61 случај на семејно насилство на 100 000 граѓани или споредено со 2018 година кога биле регистрирани 55 случаи.
Нема промена во однос на родовата припадност на релација жртви – сторители. Најчести жртви и тоа речиси во 80 отсто од случаите се жени, додека 92 отсто од сторители се мажи. Од вкупниот број лица кои кренале рака на своите најблиски, 63 отсто се актуелни и поранешни интимни партнери.
Како особено изненадувачки се посочува податокот дека синовите се втората најголема група сторители на семејно насилство кои во вкупниот број влегуваат со 16 отсто.
Анализата на податоците покажува дека извршителите на семејно насилство ретко добиваат затворски казни. Во 2019 година само 24 отсто од сите пријавени случаи на семејно насилство биле судски процесирани. Во само 15 отсто од овие случаи сторителите биле казнети, а на само три отсто од нив им била изречена затворска казна.
До 2022 година, пак, бројот на сторителите на семејно насилство на кои им била изречена казна затвор се намалил на само 1 отсто.
Во анализата е направена и врска за тоа како порастот на семејното насилство од една, а сè помалиот број на казнети сторители влијае на довербата на јавноста во судскиот систем.
Па така, според инфоргафикот на ДЗР, ако во 2020 година таа била 48 отсто, за две години, односно во 2022 година, се намалила за половина – на 24 отсто.
Тимот на Државниот завод за ревизија дава четири препораки чија реализација треба да придонесе за намалување на стапката на семејно насилство. Според нив, потребни се:
– ефективни превентивни програми,
– отворени, сигурни и унифицирани системи за радово-расчленети податоци во клучните сектори,
– зајакнување на механизмите за заштита на жртвите и зголемување на бројот на услугите со цел да им се даде поддршка на жртвите,
– зајакнување на родовата одговорност во судството.
„Овие податоци треба да служат како поттик за превенција и борба против семејното насилство и сериозни заложби за спречување на семејното насилство како преку превентивни мерки така и преку ефикасни судски разрешници“, велат од ДЗР.