Сијарто: Унгарија нема да го поддржи Руте за генерален секретар на НАТО

Унгарија секако не може да ја поддржи кандидатурата на холандскиот премиер на заминување Марк Руте за позицијата генерален секретар на НАТО, изјави во вторникот унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто.

„Се разбира дека не можеме да го поддржиме изборот на местото генерален секретар на личност којашто претходно сакаше да ја фрли Унгарија на колена“, изјави Сијарто на прес-конференција во Будимпешта.

„Би било многу чудно унгарската влада да ја поддржи таквата личност“, додаде шефот на унгарската дипломатија.

Холандскиот премиер беше голем критизер на политиките на владата во Будимпешта и заговорник на прописи кои овозможуваат блокирање на пристапот до фондовите на Европската унија за некои земји членки.

Поради критиките за наводното нарушување на владеењето на правото и оневозможување на пропагандното делување на невладините организации за ЛГТБ правата, на Унгарија ѝ беа блокирани повеќе милијарди евра.

Руте искажа амбиции да го земени Норвежанецот Јенс Столтенберг на чело на Северноатлантскиот воен блок. Меѓутоа, иако неговата кандидатура ја поддржаа повеќе земји членки, ќе му биде неопходна и едногласната одлука на сите, што значи дека Унгарија може со вето да го блокира неговиот избор.

Руте засега нема јавни противкандидати, откако според медиумите актуелната претседателка на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен не успеала да ја добие поддршката од САД. Досега Германија, Велика Британија и САД му искажаа силна поддршка на Руте.