![бел-стап](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2014/10/bel-stap.jpg?resize=630%2C419&ssl=1)
Меѓународниот ден на Белиот стап – симболот на слепиот човек се одбележува денеска, на 15. октомври.
Националниот сојуз на слепите во Македонија (НССРМ) e формиран во 1946. година и делува повеќе од 68 години.
Основна мисија на сојузот се обезбедување подобри услови за живот и работа на слепите лица, како и нивна социјализација и интеграција во општествената заедница.
Во оваа организација преку своите здруженија на слепи од целата територија на земјава членуваат повеќе од 2500 членови.
По повод Меѓународниот ден на Белиот стап – 15. октомври во текот на целиот ден слепите ќе даруваат крв на крводарителската акција под наслов “Слепите за заедницата” во Центарот за дарување на крв во Домот на Хуманитарните организации Даре Џамбаз во Скопје.
Пред фонтаната „Воинот на коњ“ на плоштадот Македонија слепи и слабовидни лица облечени во маички со назив “не замижувај” ќе имаат дефиле до Даре Џамбаз.
Во ДХО Даре Џамбаз ќе биде одржана изложба на тифло-технички помагала, ракотворби на слепите жени изработени на Семинарот за жени “Актив на слепата жена и нејзини ракотворби” одржан во Струга во периодот од 27-29.06.2014 година и кулинарските способности на вештата жена.На самиот настан ќе има можност да се види креативна работилница на плетење, браево креативно пишување, изработка на накит.
Во рамките на креативната работилница како и на сите активности учество ќе земат и децата од Државното училиште за деца и малдинци со оштетен вид “Димитар Влахов” од Скопје.
Обраќање имаат Претседателот на Националниот сојуз на слепите на Република Македонија, Селковски Жарко, Министерот за труд и социјална политика на Република Македонија, Диме Спасов и Ксенија Николова, првиот автор на аудио книга “Идиотски приказни”.
Во рамките на одбележувањето на 15 Октомври ќе се одржи и Државното првенство во ГОЛ-БАЛ за слепи и слабовидни на Македонија за 2014 година во Крива Паланка од шеснаесетти до деветнаесетти овој месец во новата спортска сала.
Затоа што хуманоста не е доблест – туку обврска. И затоа што ние сме тука меѓу вас. И затоа што НИШТО ЗА НАС-БЕЗ НАС.