Во ракетниот напад на борците на шиитското движење Хути загинаа тројца морнари на трговски брод во Црвеното Море во средата, соопшти американската централна команда (CENTCOM), што е прв пријавен напад со смртни последици откако проиранската групација почна да ги напаѓа бродовите на една од најпрометните трговски рути на светот како одговор на воената кампања на Израел во Појасот Газа.
Хутистите ја презедоа одговорноста за нападот, во кој беше погоден бродот „True Confidence“ по што на него избувнал пожар, кој пловел под знамето на Барбадос а во грчка сопственост, на околу 50 наутички милји од брегот на јеменското пристаниште Аден.
Американската команда CENTCOM соопшти дека во нападот на Хутистите биле повредени и најмалку четворица членови на екипажот и е предизвикана „значителна штета“ на бродот. Претходно, извор од бродот изјави дека четворица морнари се тешко изгорени, а тројца се водат за исчезнати по нападот.
Грчките оператори на „True Confidence“ изјавија дека бродот плута и гори. Тие, исто така, рекоа дека нема достапни информации за статусот на 20-те членови на екипажот и тројцата вооружени чувари на пловилото, меѓу кои имало 15 Филипинци, четворица Виетнамци, двајца државјани на Шри Ланка, еден Индиец и еден Непалец.
Претставник на американската одбрана рече дека е забележан чад што доаѓа од „True Confidence“. Наведено е и дека во водите во близина на бродот е забележан чамец за спасување.
Британската Агенција за поморски трговски операции (UKMТО) соопшти дека примила извештај за инцидентот на 54 наутички милји југозападно од Аден, кој е во близина на влезот во Црвеното Море, додавајќи дека екипажот го напуштил бродот и дека „повеќе не е под команда“.
Хутистите од ноември напаѓаат бродови поврзани со Израел во Црвеното Море во, како што велат, кампањата на солидарност со Палестинците кои се под невидени разорни напади и репресија на израелската војска во Појасот Газа
Велика Британија и САД започнуваат одмазднички напади против Хутистите, на што тие возвратија и со гаѓања на американски и бриитански бродови, влучително и воени, а потврдата за жртви може да доведе до притисок за посилна воена акција.
Нападите на Хутистите го нарушија глобалниот транспорт, принудувајќи ги компаниите да се пренасочат кон подолги и поскапи патувања преку јужна Африка. Трошоците за осигурување на седумдневно патување преку Црвеното Море се зголемија за стотици илјади долари.
Бродот „True Confidence“ е во сопственост на „True Confidence Shipping“, регистриран во Либерија и управуван од грчката „Third January Maritime“, се вели во соопштението на двете компании, додавајќи дека бродот немал никаква поврзаност со САД.