Украина се обидува да изгради одбранбена линија слична на руската

Украинските вооружени сили се обидуваат да изградат одбранбена линија слична на системот за утврдување создаден од руската војска пред повеќе од една година, објави „The Wall Street Journal“.

Весникот наведува дека за време на обидот за контраофанзива во 2023 година, украинската армија „брзо се заглавила во разработена мрежа на пречки“ од руските сили, што „се покажа речиси невозможно да се помине“.

Руската одбрана се состоеше од повеќеслојни ровови, противтенковски ровови, бетонски блокови и широки мински полиња, пишува весникот. Сега украинската војска „се обидува да ги повтори физичките пречки што Русија ги создаде на нејзината страна од фронтот пред повеќе од една година“. Според Волстрит журнал, западно од Авдиевка, багерите ја резбаат земјата за да создадат противтенковски ровови.

Досега, кампањата за изградба на широка мрежа на утврдувања, особено околу Авдиевка, „не даде значителни резултати“, според западните претставници и украинските војници со кои разговараше весникот.

„Во околностите во кои се наоѓаме, мораме сами да копаме, и да градиме“, изјави за весникот Максим Жорин, заменик командант на 3-та јуришна бригада на Украина.

Според воениот експерт Франц-Штефан Гади, кој неодамна ги посети областите на фронтот, украинските вооружени сили не успеаја да создадат систем на ешалонирана одбрана.

„Ситуацијата ќе стане доста критична за украинските сили“, смета експертот.

Во декември 2023 година, украинската пратеничка Александра Устинова рече дека поради проблеми со добивањето помош од западните земји, Киев ќе мора да се сврти кон одбраната, поради што Украина гради три линии на утврдувања. На 19 јануари 2024 година, украинската влада одлучи да одвои рекордни средства за изградба на одбранбените линии: околу 466 милиони долари.