Трговијата со дрога е вредна повеќе од 31 милијарда евра годишно, се вели во најновиот извештај за дрога објавен во четвртокот од Европол и Европскиот мониторинг центар за дроги и зависности од дроги (EMCDDA).
Според извештајот, најтргувана дрога во ЕУ е канабисот, во вредност од 12 милијарди евра годишно. Вторa е кокаинот со околу 11,6 милијарди евра.
Влијанието на меѓународната трговија со дрога врз животот во европските земји е сѐ посилно, предупредија Европол и EMCCDA при претставувањето на извештајот. Насилството, корупцијата и поткопувањето на правото и демократијата се во пораст, изјави шефицата на Европол, Кетрин Де Боле во Хаг.
„Криминалните мрежи ја заразија самата с’рж на нашите заедници, проткајувајќи се низ структурата на нашата демократија и економија. Тие ја нагризуваат довербата, поттикнуваат насилство и создаваат циклуси на зависност и сиромаштија“, додаде таа.
„Потребен е внимателен, унифициран одговор за да се заштитат нашите граѓани и општество од сеприсутното влијание на овој невидлив непријател. Користејќи го Европол, земјите-членки на ЕУ можат да ги здружат ресурсите, да споделуваат криминалистичките разузнавачки информации и да ги координираат акциите во борбата против нелегалната дистрибуција на дрога“, посочи Де Боле.
Истражителите идентификувале околу 800 криминални групи кои ја загрозуваат безбедноста на државите, истакна Де Боле, додавајќи дека дрогата е еден од главните извори на приход за организираниот криминал.
Според извештајот, Европа е централна за производството, снабдувањето и трговијата со дрога. Експертите посочуваат дека во Европа има големо производство на канабис и синтетички дроги, како и големо количество кокаин шверцуван од Латинска Америка.
Иако во изминатите десет години е запленето многу повеќе кокаин отколку претходно, тоа, исто така, довело до повеќе насилства во некои градови, рече Де Боле, предупредувајќи дека пресметките меѓу бандите се во пораст.