Жените во Германија, Австрија и Швајцарија имаат помали плати од мажите

Кај жените и мажите во Германија, Австрија и Швајцарија не само што постојат разлики во основната плата, туку и во исплатата на бонус, се вели во извештајот објавен од Институтот за економски истражувања ИФО од Минхен и консултантската фирма „Мерсер“.

Истражувањето спроведено во повеќе од 270 компании во споменатите три земји покажало дека жените во Германија во просек добиваат 6,1 отсто помали бонуси од мажите.

Во Австрија разликата меѓу мажите и жените во исплатата на бонуси е 7,2 отсто, а во Швајцарија 5,2 отсто, објави ИФО.

– Разликите во исплатата на бонусите на мажите и жените се уште поизразени отколку во исплатата на основната плата – вели Михаела Пафенхолц, истражувач од ИФО.

Во Германија разликата во платите меѓу мажите и жените во основната плата е 2,7 отсто, а исплатите на бонус го зголемуваат јазот меѓу половите на вкупно 3 отсто.

Слична е ситуацијата и во Австрија, каде што разликата во основните плати на мажите и жените изнесува 2,3 отсто, додека бонусите ја зголемуваат разликата на 2,9 отсто.

Во Швајцарија разликата во основните плати е 1,2 отсто, а бонусите ја зголемуваат оваа разлика во вкупните плати на мажите и жените на 1,6 отсто.