Министерката за одбрана Славјанка Петровска денеска од Охрид посочи дека МО не ја исклучува можноста, согласно направените проценки и во соработка со Министерството за здравство, да ги стави расположивите капацитети за лекување на војници од Украина.
– Во рамки на МО постојат капацитети што би можеле да бидат ставени на располагање. Во оваа иницијатива ќе бидат вклучени повеќе институции, но како МО сме подготвени позитивно да одговориме на таквите барања, рече Петровска.
Таа, коментирајќи ја последната изјава на францускиот претседател Емануел Макрон, потсети дека земјава ја поддржува Украина и нејзината борба, но оти нема испраќање војници на украинско тло.
– Воопшто не е дискутирано на последниот министерски состанок во Брисел, не беше разговарано за испраќање војници. Меѓутоа, за поддршка во други форми – да, рече министерката Петровска.