Ерменија ја разгледува можноста за аплицирање за членство во ЕУ, најави министерот за надворешни работи Арарат Мирзојан. Тој го изјави ова во време кога Ереван се обидува да изгради поблиски врски со Западот со оглед на тензиите со традиционалниот сојузник Русија, објави Ројтерс.
„Во моментов се разговара за многу нови можности. Нема да биде тајна ако кажам дека тие вклучуваат членство во ЕУ“, рече Мирзојан во интервју за турскиот ТВ канал ТРТ Ворлд.
Тој ова го изјави на маргините на дипломатскиот форум во турскиот медитерански град Анталија.
Откако дојде на власт со револуција во 2018 година, ерменскиот премиер Никол Пашинјан ги продлабочи врските на Ерменија со Европа и Соединетите Држави, постојано разгневувајќи го традиционалниот сојузник Русија, забележува Ројтерс.
Ереван постојано повторува дека сојузот со Москва не се протега на војната во Украина, а Пашинјан ја обвини Русија дека се обидува да ги поткопа темелите на неговото владеење.
Ерменија, исто така, ја обвинува Русија дека не ја заштитува од својот долгогодишен противник Азербејџан, кој во последните години се зближи со Москва.