Напорите за постигнување примирје во Појасот Газа се во тек, соопшти кабинетот на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во име на странската разузнавачка служба – Мосад. Директорот на Мосад Дејвид Барнеа се сретнал со неговиот колега на чело на ЦИА, Вилијам Барнс, а средбата се одржала во петокот, се наведува во израелското соопштение.
Главна тема на разговорите е прекинот на огнот, по што мора да следи ослободување на израелските заложници кои Хамас ги држеше во заробеништво во Газа.
-Нашите контакти и соработка со преговарачите траат во секое време. Правиме напори да ги намалиме разликите и да постигнеме договор, се вели во соопштението на Мосад објавено од канцеларијата на Нетанјаху.
Американскиот претседател Џо Бајден вчера изјави дека Барнс останал во регионот за да ги продолжи разговорите за примирјето. Напорите беа во насока на прекин на огнот во Појасот Газа, населен со Палестинци, пред муслиманскиот свет месец Рамазан, кој треба да започне денеска.
Хамас го обвинува Израел за застој во преговорите за ослободување на израелските заложници, за кои се верува дека во моментот има 134. Според Хамас, Израел не дава гаранции за завршување на војната и за повлекување на своите сили од енклавата.