Посетата на францускиот претседател Емануел Макрон на Украина треба да се случи во наредните седмици, најави француското претседателство, со што повторно ја одложи планираната посета на шефот на државата на земјата во војна.
Макрон првично рече дека планира да ја посети Украина во февруари за да потпише билатерален безбедносен договор со претседателот Володимир Зеленски. Тоа беше одложено затоа што Зеленски дојде во Париз да го потпише договорот. Дипломатите рекоа дека вториот датум бил планиран за почетокот на март пред да биде одложен за подоцна.
„Двајцата шефови на држави се согласија да останат во близок контакт, особено во однос на посетата на претседателот на Украина, која треба да се случи во наредните седмиции“, соопшти во доцна во неделата француското претседателство по телефонскиот разговор меѓу двајцата челници.
Одложувањето дојде само неколку дена откако руска ракета падна, како што тврди Киев, на околу петстотини метри од украинскиот претседател и грчкиот премиер, кои беа во посета на градот Одеса на Црното Море. Макрон требаше да ја посети и Одеса. Меѓутоа, Москва го постави прашањето зошто тогаш во тој период воопшто не се огласиле сирените за прогласување воздушна опасност, додавајќи дека нејзините сили со оружје со висока прецизност гаѓаат цели кои се подалеку.
Макрон зазеде поостар став против Русија во последните седмици, обвинувајќи ја дека е агресивна кон Франција и Европа. Тој ги повика европските сојузници итно да направат повеќе за да ѝ помогнат на Украина со испраќање свои војници во земјата и се соочи со реакција од многу западни сојузници откако рече дека не треба да ја отфрли идејата за испраќање западни трупи во Украина.
Два дипломатски извора рекле за Reuters дека француското претседателство наводно размислува дали да го продолжи патувањето во Украина за да вклучи и други западни шефови на држави кои би му се придружиле на Макрон, наместо билатерално патување, за сојузниците да демонстрираатединство и солидарност со Украина.