Унгарскиот премиер Виктор Орбан, кој се врати во земјата по приватниот состанок во Соединетите Држави со поранешниот американски претседател Доналд Трамп, рече дека Трамп има „прилично детални планови“ за тоа како да стави крај на руската војна против Украина и дека нема да му даде на Киев дополнително финансирање за побрза прекин на конфликтот.
Говорејќи во интервју за државната телевизија М1 доцна на 10 март, а по состанокот со Трамп, Орбан чија влада одби да испрати оружје во Киев додека одржува врски со Москва, рече дека „очигледно е дека Украина сама по себе не може да издржи на нозе“.
Патувањето на унгарскиот премиер дојде во време кога републиканците во Претставничкиот дом на САД инсистираат да се донесат мерки за безбедност на границата, доколку сакаат да го поддржат пакетот од 60 милјарди долари за Киев. Американскиот Сенат веќе го одобри пакетот, од кој голем дел е за Украина да купи американско оружје и воена опрема.
Американскиот претседател Џо Бајден, демократ кој е претпоставен кандидат на партијата за претседателските избори во ноември, го поддржа пакетот помош, но Трамп, го критикуваше законот.
„Тој нема да даде ни цент за војната Украина-Русија и затоа војната ќе заврши“, рече Орбан во интервјуто по средбата со Трамп, кој е на прагот да стане кандидат на Републиканската партија на изборите.
„Ако Американците не дадат пари и оружје, а исто така и Европејците, тогаш оваа војна ќе заврши. И ако Американците не дадат пари, Европејците не можат сами да ја финансираат оваа војна, а потоа војната ќе заврши,” додаде Орбан.
Орбан се истакна во Европската Унија по тоа што одржува врски со автократски лидери како што е рускиот претседател Владимир Путин.
Унгарскиот премиер отпатува за Соединетите Држави минатата недела, каде што зборуваше во конзервативната фондација Херитиџ, а подоцна се состана со Трамп во неговото одморалиште Мар-а-Лаго во Флорида, истовремено откажувајќи се од какви било состаноци во Белата куќа за време на посетата во САД.
Кампањата на Трамп во соопштението по состанокот на 8 март, соопшти дека двајцата мажи разговарале за „широк опсег на прашања кои ги засегаат Унгарија и Соединетите Држави, вклучително и огромното значење на силни и сигурни граници за заштита на суверенитетот на секоја нација“. Во соопштението нема дополнителни коментари за дискусиите, ниту пак се споменува Украина.
Орбан рече дека мирот во Украина мора да се постигне прво преку примирје, а потоа и преку целосен мировен договор, што Трамп „има средства“ да го постигне. Тој не кажа повеќе детали.