Демири: Обезбедени над 30 специјализации за офталмологија

Министерот за здравство д-р Илир Демири, денеска присуствуваше на настанот организиран од Клиниката за очни болести по повод Светскиот ден на глауком.

Во повеќе различни градови низ државата (Битола, Тетово, Куманово и Штип) се организирани мерење на очниот притисок од страна на професионални офталмолози и обучени медицински сестри, со цел подигнување на свесноста за навремено откривање на глаукомот.

Во изјава за медиумите, Демири потенцираше дека глаукомот е сериозна офталмолошка болест која ако не се третира може да доведе до слепило, а најчест причинител е покачениот очен притисок.

„Особено треба да имаме предвид дека глаукомот не покажува знаци и симптоми во почетокот, па токму затоа најдобар начин за откривање на ова болест е скринингот и превенцијата. Еден од приоритетите на Министерството за здравство е зајакнување на специјалистичките области на долг рок, со обезбедување соодветни специјализации за јавните здравствени установи. Конкретно за офталмологија како една сензитивна специјалност, со Програмата на Министерството за специјализации и супспецијализации обезбедени се над 30 специјализации во оваа област за повеќе установи, а најголем број за Клиниката за очни болести, Општа болница Струга, Здравствен дом Скопје, Клиничка болница Битола и други. Ова се специјализации што се реализираат во овој четиригодишен период, од 2023 – 2026 година. Тоа значи долгорочно зајакнување на офталмологијата во повеќе установи низ земјата, што значи и доближување на овие здравствени услуги поблиску до местото на живеење на граѓаните“, истакнува Демири.

Демири упати апел за важноста на навременото откривање на глаукомот преку превентивните прегледи и се заблагодари за поддршката до Клиниката за очни болести како референтен центар за лекување на најтешките и најкомплицирани болести и состојби на очите.