Русија соопшти дека повикот на папата Франциск за разговори со Москва за ставање крај на војната во Украина е барање до западните сојузници на Киев да се откажат од нивната амбиција да ја поразат Русија и да ја признаат грешката на Западот во војната во Украина, објави во понеделникот италијанската агенција Ansa.
Папата во интервју кое подоцна месецов ќе биде објавено, а чии делови беа објавени минатата седмица, вели дека Украина ќе мора да има храброст на „бело знаме“ и да преговара за крај на војната со Русија. Во интервјуто снимено минатиот месец за швајцарската телевизија RSI, папата Франциск ањо кажа што мисли за оние кои велат дека Украина треба да се откаже бидејќи не успеала да ги одбие руските сили и оние кои веруваат дека тоа ќе ѝ даде легитимитет на посилната страна.
Новинарот во своето прашање го употребува терминот „бело знаме“.
„Тоа е едно толкување, тоа е вистината“, одговори папата Франциск, според извадоци од интервјуто што треба да се емитува на 20-ти март. „Зборот ‘преговарање’ е храбар збор, кога ќе видите дека сте поразени, дека работите не одат добро, треба да имате храброст да преговарате“, истакна Франциск.
Папата повика дека „не треба да се срамиме да преговараме пред работите да се влошат“. „Верувам дека најсилни се оние кои ја гледаат ситуацијата, размислуваат за народот и имаат храброст да го кренат белото знаме и да преговараат“, рече Франциск.
Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, коментираше дека Западот ја користи Украина како инструмент на својата амбиција да ја ослабне Русија.
„Како што гледам, Папата бара од Западот да ги остави настрана своите амбиции и да признае дека греши“, ја цитирa Ansa изјавата на Захарова. „Што се однесува до Русија, продолжи таа, „никогаш не сме ги блокирале преговорите“. Во исто време, Захарова додаде дека ситуацијата во Украина е „без излез“.
Во неделата Украина го отфрли повикот на Папата да преговара за крај на војната со Русија. Претседателот Володимир Зеленски рече дека Светиот Отец е ангажиран во „виртуелно посредување“, а неговиот шеф на дипломатијата рече дека Киев „никогаш нема да капитулира“ и му порача на Ватикан да „посвети посебно внимание на својата улога во Втората светска војна“.
„Украинците од сите вери застанаа да ја бранат својата земја од почетокот на руската инвазија“, рече украинскиот претседател Володимир Зеленски во својата дневна видео порака во неделата: „Христијаните, муслиманите, Евреите, сите… Тие не поддржуваат со молитва, разговори и акција. Црквата мора да биде тука, со луѓе. Не на 2.500 километри, со виртуелно посредување меѓу некој што сака да живее и некој што сака да ве уништи“, рече Зеленски, кој има еврејско потекло.
Украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба очигледно алудира на обвинувањата дека Ватикан знаел и молчел за холокаустотот над Евреите спроведуван во Втората светска војна од нацистичка Германија. Меѓутоа, историските архиви откриваат и дека, освен што личностите од украинската историја која сега ги слави Киев соработувале со нацистите на Адолф Хитлер, вршеле и масакри на еврејското население, некои биле соработувале и во нацистичките логори на смртта.
Киев, каде прозападните власти дојдоа по превратот во март 2014 година, повторува дека се бори за опстанок и дека нема да запре додека не го протера последниот Русин од својата територија, но не прецизира дали тоа се однесува и на огромната руска и рускојазична заеднива во Украима. Претседателот Зеленски минатата седмица рече дека Русија нема да биде поканета на првиот мировен самит што ќе се одржи во Швајцарија.
Во понеделникот владата на Германија остро го критикуваше повикот на папата Франциск, како што велат во Берлин „да се подигне белото знаме“ и да се започнат преговори за ставање крај на војната во Украина.
„Не разбирам“, реагираше министерката за надворешни работи Аналена Бербок за време на интервјуто на јавниот канал ARD во неделата навечер. „Мислам дека некои работи може да се разберат само ако самите ги видите“, додаде министерката, кој неколкупати го посетува Киев од почетокот на војната.
„Германија верува, напротив, дека ако Украина и нејзините сојузници сега не покажат сила, нема да има мир“, рече Бербок. „Мораме да застанеме покрај Украина и да направиме сѐ што е во наша моќ за да се осигураме дека таа може да се одбрани“, додаде таа.
Портпаролот на канцеларот Олаф Шолц во понеделникот рече дека „не го дели мислењето на папата“. „Украина му се спротивставува на агресорот, користи широка меѓународна поддршка и делува во рамките на нејзиното право на одбрана предвидено во меѓународното право“, додаде Штефен Хебештрајт.
Германија е вториот најголем снабдувач на воена помош за Украина, по САД.
Папата Франциск не повикува Украина да се предаде, туку на прекин на огнот и храброст во преговорите, изјави во неделата директорот на Канцеларијата за печат на Ватикан, Матео Бруни.
„Папата го користи терминот бело знаме и одговара на впечатокот кој го сугерирал водителот на интервјуерот, за да укаже на прекин на непријателствата и примирје постигнато преку храброста во преговорите“, рече Бруни за интервјуто на папата Франциск за швајцарската телевизија RTS, кое ќе биде емитувана подоцна во март, а дел од него беше објавен во саботата.
„Во другите делови од интервјуто, зборувајќи за друга конфликтна ситуација, но мислејќи на каква секоја воена ситуација, Папата јасно рече: ‘Преговорите никогаш не се предавство“, додаде тој.
„Надежите на Папата се и остануваат она што тој постојано го повторува овие години, а неодамна се осврна на тоа по повод втората годишнина од конфликтот: ‘Додека ја обновувам мојата многу длабока наклонетост кон маченичкиот украински народ и се молам за сите, особено за многуте невини жртви, барам да се најде малку хуманост што ќе овозможи создавање услови за дипломатско решение во потрагата по праведен и траен мир’“, заклучи Бруни.