Младиот, 20-годишниот Италијанец Лука Нарди сензационално го совлада светскиот рекет број еден Новак Ѓоковиќ со 6-4, 3-6, 6-3 во 3. коло на АТП турнирот од серијата „мастерс 1000“.
Нарди, 123. играч во светот, на главниот турнир влезе како среќен губитник по поразот во последното коло од квалификациите, а својот „втор“ живот во Индијан Велс го искористи на неверојатен начин. Со оваа победа тој стана најслабопласираниот играч кој го победил Ѓоковиќ и во серијата „мастерс 1000“ и на „гранслем“ турнирите.
На 36-годишниот Ѓоковиќ нема да му остане во најдобро сеќавање враќањето во Индијан Велс, турнир кој го освои пет пати, по петгодишно отсуство.
Нарди, победата над Ѓоковиќ во третото коло на турнирот во Индијан Велс ја нарече чудо. Посочи дека по овој триумф на Мастерсот во Индијан Велс станал познат низ целиот свет.
„Пред овој натпревар никој не ме познаваше. Се надевам дека публиката уживаше во играта. Јас сум многу среќен. Не знам како успеав да издржам и да не се нервирам. Мислам дека се случи некакво чудо затоа што 20-годишно момче, број 100 во светот, го победи Новак. Ова е лудило. Не очекував да победам денеска, но се обидов да дадам се од себе и го направив тоа“, изјави Нарди по натпреварот.
Противник на Нарди во четвртото коло на турнирот ќе биде Американецот Томи Пол.