Европскиот парламент денеска изгласа регулатива за заштита на новинарите, борба против политичкото мешање во уредувачките одлуки и поголема транспарентност на сопственоста на медиумите.
Регулативата за воспоставување заедничка рамка за медиумските услуги во ЕУ и обезбедување подобра заштита на новинарите и нивните извори е усвоена на пленарната седница во Стразбур со 464 гласа „за“, 92 „против“ и 65 воздржани, објавено е на веб-страницата на Европскиот парламент.
На властите ќе им биде забрането да вршат притисок врз новинарите и уредниците да ги откријат нивните извори, да апсат новинари, да им воведуваат санкции, да претресуваат редакции и да инсталираат софтвер за надзор на нивните електронски уреди.
Новата регулатива е одговор на растечките стравови во ЕУ за политизацијата на медиумите и недоволната транспарентност на сопственоста на медиумите и кога државата им доделува реклами на медиумите.
Регулативата им наметнува обврски на земјите од ЕУ подобро да ја гарантираат уредувачката и функционалната независност на јавните медиуми, особено преку „одржливо и предвидливо финансирање“.
Уредувачката независност на медиумите треба да се обезбеди со забраната за отпуштање новинари пред истекот на договорот, освен ако не исполнуваат професионални критериуми.
Новата регулатива содржи механизам за спречување на големите онлајн платформи, како што се Фејсбук, X или Инстаграм, произволно да ги ограничуваат или бришат независните медиумски содржини.