Путин порача дека Русија има „најнапредно“ нуклеарно оружје, но нема намера да го употреби ако не е загрозена

Во средата рускиот претседател Владимир Путин го пофали нуклеарното оружје на неговата земја, велејќи дека е „многу понапредно“ од американското и рече дека рускиот арсенал е секогаш „подготвен“ за нуклеарна војна, но дека Москва нема намера да го употреби освен во случај кој го предвидуваат законите и доктрината.

Западот редовно го обвинува Путин дека наводно употребува прикриени закани по ова прашање, особено во однос на употребата на ова оружје во Украина.

„Нашата нуклеарна тријада е далеку понапредна од која и да е друга. Всушност, само ние и Американците имаме тријади, а ние сме многу понапредни“, рече Путин во долгото интервју за руската телевизија пред претседателските избори.

Нуклеарната тријада е термин кој се однесува на трите начини на лансирање ракети, со кои располагаат повеќето нуклеарни сили. Нуклеарните удари, без разлика дали се превентивни како што предвидуваат одбранбените доктирни на повеќето западни сили, или како одговор на напад, можат да се изведат од копно, море и воздух, односно со балистички ракети, подморници и стратешки бомбардери.

Путин, исто така, рече дека неговата земја е „подготвена“ за нуклеарен конфликт, но дека никогаш не размислувал за употреба на нуклеарно оружје особено не во Украина.

„Зошто би морале да се користат средства за масовно уништување? Никогаш немало потреба за тоа“, рече Путин, додавајќи дека руската воена доктрина предвидува употреба на такво оружје само доколку е загрозен опстанокот на Русија или во случај на „напад врз нашиот суверенитет и нашата независност“.

Путин повтори дека Русија е подготвена да употреби нуклеарно оружје, доколку постои закана за руската државност, суверенитет или независност, но додаде дека се надева оти САД ќе се воздржат од дејствија кои би можеле да предизвикаат нуклеарен конфликт.

Во интервју за руската државна телевизија, објавено рано утринава, Путин го опиша американскиот претседател Џо Бајден како политичар ветеран кој целосно ги разбира потенцијалните опасности од ескалација и рече дека не мисли дека светот оди кон нуклеарна војна.

Во средата, рускиот претседател првпат реагираше на изјавите на францускиот претседател Емануел Макрон од 26-ти февруари дека „не ја исклучува можноста за испраќање западни трупи во Украина“, велејќи дека „тоа нема да промени ништо“.

„Ако зборуваме за официјалните воени контингенти на странски земји, убеден сум дека тоа нема да ја промени ситуацијата на линијата на фронтот, исто како што испраќањето оружје не менува ништо“, рече Путин.

Ја обвини Украина дека ги удвојува нападите врз руска територија за да ги наруши претседателските избори кои ќе се одржуваат три дена од 15-ти до 17-ти март.

Тие напади, додаде тој, се одраз на „неуспесите на Украина на фронтот“.

Украина вели дека ќе продолжи со нападите на руска територија сѐ додека руската армија продолжува да ги бомбардира украинските градови и да ја окупира нејзината територија.

Во меѓувреме, руските неонацистички групации кои заедно со војници од западните земји кои земаат неплатено отуство и се приујавуваат во украинската војска за да се борат за Украина ги повикаа жителите на Белгород и Курск да се евакуираат за да избегнат загуба на „животи на цивили“ во бомбардирањето на руските воени позиции. Меѓутоа, во вторникот утрото беа објавени снимки дека таквите обиди од три правца билецелосно запрени. Руското Министерство за одбрана објави дека тие единици не успеале да продрат на руска територија, а во возвратниот удар загубиле најмалку 100 борци, повеќе од десет тенкови и десетина борбени оклопни возила.

Во интервјуто, Путин исто така рече дека влезот на Шведска и Финска во НАТО е „бесмислен чекор“ и дека Русија ќе распореди сили и оружје на финската граница откако таа земја влезе во НАТО во април минатата година.

„Тоа е целосно бесмислен чекор во однос на обезбедувањето на нивните национални интереси“, рече Путин. „Таму (на финската граница) немавме војници, сега тие ќе бидат таму. Таму немаше системи за уништување таму, сега тие ќе се појават“.

Финска дели повеќе од 1.300 километри граница со Русија.