Британската влада во четвртокот ќе објави нова дефиниција за екстремизмот како одговор на ерупцијата злосторства од омраза против Евреите и муслиманите по нападот на Хамас во јужен Израел на 7-ми октомври и одмазничката израелската сеопфатна офанзива во палестинската енклава Појасот Газа, и покрај предупредувањата дека тоа може да ја загрози слободата на говорот.
Новата дефиниција наведува дека екстремизмот е „промоција или унапредување на идеологија заснована на насилство, омраза или нетолеранција“, чија цел е уништување на основните права и слободи, како и поткопување на либералната парламентарна демократија во Обединетото Кралство.
На тоа му претходеше обраќањето на премиерот Риши Сунак до нацијата по пропалестинските протести во Лондон, каде имаше мноштво уапсени поради антисемитизам, како и изолирани инциденти на насилство. Сунак рече дека британската „мултиетничка демократија намерно се поткопува“ и од „исламистичките и од крајно десничарските екстремисти“, како и дека треба да се направи повеќе за да се реши проблемот.
Антисемитските инциденти се зголемиле за 147 отсто во 2023 година и достигначле рекордни нивоа, поттикнати од нападите на 7-ми октомври, според Community Security Trust, добротворна организација која ги штити еврејските заедници во Обединетото Кралство.
Групата која ги следи антимуслиманските инциденти – Tell Mama, минатиот месец објави дека злосторствата од омраза врз муслиманите, исто така, се зголемиле за 335 отсто по нападите минатиот октомври.
„Денешните мерки ќе обезбедат владата ненамерно да не обезбеди платформа за оние кои имаат намера да ја поткопаат демократијата и да им ги ускратат на другите луѓе нивните основни права. Ова е првата од серијата мерки за борба против екстремизмот и заштита на нашата демократија“, изјави Мајкл Гоув, министерот за заедниците кој го предводеше процесот на развивање на новата дефиниција за екстремизам.
Велика Британија веќе забранува групи за кои смета дека се вклучени во тероризам, а поддршката или членството во овие организации е кривично дело. Милитантната палестинска група Хамас е меѓу 80-те забранети меѓународни организации.
Групите идентификувани како екстремистички по „ригорозната“ проценка во текот на следните неколку седмици нема да бидат предмет на никакво дејство според кривичните закони и натаму ќе им биде дозволено да одржуваат протести. Но, владата нема да им обезбеди никакви средства или друга форма на ангажман. Во моментов ниту една група не е официјално дефинирана како екстремистичка според претходната дефиниција којашто беше на сила од 2011 година.
Во интервјуто во неделата, Гоув рече дека некои неодамнешни големи пропалестински маршеви во центарот на Лондон биле организирани од „екстремистички организации“ и дека ќе ја изгубат јавната поддршка доколку се знаеле организаторите.
Уште пред да биде објавена новата дефиниција за екстремизам, критичарите предупредуваа дека тоа може да биде контрапродуктивно.
Надбискупот од Кентербери, духовниот поглавар на Англиканската заедница (црква), Џастин Велби, во средата предупреди дека новата дефиниција ризикува дополнителни поделби. Велби и надбискупот од Јорк, Стивен Котрел, во заедничката изјава во вторникот рекоа дека се „ризикува непропорционално таргетирање на муслиманските заедници, кои веќе се соочуваат со зголемено ниво на омраза и злоставувања“.
„Тоа може да ја поткопа големата вредност на оваа земја – слободата на говорот и можноста да се изрази силно несогласување“, изјави Велби за BBC Radio во средата.
Повеќе од 50 преживеани од исламистичките напади во Велика Британија, исто така, потпишаа писмо во кое предупредуваат дека е „неодговорно“ некои политичари да ги поистоветуваат екстремистите со „огромното мнозинство британски муслимани кои го осудуваат таквото насилство“.