Во ИФЛА објавени преводи на македонски јазик на три важни документи

Во репозиториумот на ИФЛА (Меѓународната федерација на библиотекарски здруженија и институции) се објавени преводи на македонски јазик на 3 важни документи: Манифест на ИФЛА и УНЕСКО за јавните библиотеки 2022, Стратегија на ИФЛА 2019-2024 и Соопштение на ИФЛА за сајбер-безбедноста.

ИФЛА е основана во 1927 во Единбург, а во 1929, кога официјално започнува со активности, брои 15 члена од 15 земји.

Во оваа непрофитна невладина организација која се залага за интересите на библиотеките, библиотекарите и информациските специјалисти членуваат над 1500 институции и здруженија од над 150 земји ширум светот. Манифестот на ИФЛА и УНЕСКО за јавните библиотеки 2022 претставува ажурирана верзија на оваа важна алатка за промовирање на библиотеките, која последен пат беше објавена во 1994, а ова ново издание ги зема предвид промените во технологијата и општеството со цел да се осигура дека Манифестот продолжува да ги рефлектира реалните состојби и мисијата на јавните библиотеки денес.

Стратегијата на ИФЛА 2019-2024 е документ, кој ги обединува постојните потенцијали на ИФЛА базирани на инклузивен пристап преку Глобалната визија на ИФЛА, од една страна, и посветеноста на ИФЛА на Целите за одржлив развој на Обединетите нации, од друга страна.

Стратегијата на ИФЛА 2019-2024 е документ за библиотекарството од библиотекарството, во кој се дефинираат 4 области како генерални стратешки насоки и правци, со по 4 клучни иницијативи, обезбедувајќи ја рамката во која можат да се развијат активности за зајакнување на делокругот на дејствувањето на ИФЛА и за постигнување на визијата на ИФЛА. Соопштението за сајбер-безбедноста е соопштение за политиката на ИФЛА, во кое се објаснува концептот на сајбер-безбедноста во контекст на работата на библиотеките, како и изработката на препораки за подобрување.

Документите ги преведе Магдица Шамбевска, библиотекар советник, раководител на сектор во НУ Национална и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ Скопје.