Државната изборна комисија (ДИК) информира дека заклучно со 13 март, во нивните подрачни одделенија и канцеларии, увид на своите податоци во Избирачкиот список направиле 4 527 лица.
Седум лица поднеле барање за промена на своите податоци, 13 лица поднеле барање за запишување на своите податоци и петмина поднеле барање за бришење на податоци во Избирачкиот список.
Од ДИК соопштија дека преку електронски пат, заклучно со 13 март, се провериле вкупно 13056 граѓани. Поднесени се 24 барања за промена на податоци, пет барања за бришење на податоци и девет барања за запишување на податоци во Избирачкиот список.
-По однос на пристигнати барања за регистрација на гласачи во дијаспората, ве информираме дека досега се пристигнати вкупно 1288 пријави од кои 887 се прифатени, 137 се одбиени и 264 необработени пријави. Напоменуваме дека овие податоци се јавно достапни на веб страната www.dijaspora.sec.mk, се вели во соопштението на ДИК.
Оттаму потсетуваат дека јавниот увид во Избирачкиот список како и промена, запишување и бришење на податоци од страна на граѓаните ќе може да се направи најдоцна до 18 март 2024 година, 24 часот.
-Апелираме, граѓаните да се проверат во избирачкиот список односно доколку е потребно да побараат промена, запишување или бришење на своите податоци од Избирачкиот список за претстојните претседателски и парламентарни избори да го сторат тоа до дадениот рок, потенцираат од ДИК.