ВИДЕО| „Starship“ изгубен при враќањето кон Земјата

Ракетата „Starship“ на вселенската компанија „SpaceX“ на Илон Маск, дизајнирана со крајна цел да однесе астронаути на Месечината, го завршила речиси целиот пробен лет во Вселената во својот трет обид во четвртокот, но е уништена во текот на враќањето кон Земјата откако стасала подалеку од кога и да е претходно.

Во текот на пренесувањето на летот во живо, коментаторите на „SpaceX“ рекоа дека контролата на мисијата ја изгубила комуникацијата со вселенското летало во текот на нејзиното повторно влегување во атмосферата при хиперсонична брзина.

Леталото се доближувало кон локацијата на планираниот пад во Индискиот Океан, околу еден час по лансирањето од јужен Тексас.

Неколку минути подоцна, од „SpaceX“ потврдија дека леталото е „изгубено“. Веројатно согорело или се распаднало во текот на повторното влегување во атмосферата на Земјата или падот во морето.

Од нејасни причини во „SpaceX“ одлучија да ја прескокнат една од основните цели на летот – обидот за повторни активирање на еден од моторите на „Starship“ наречен „Raptor“ додека леталото лебдело во ниската орбита. Тоа се смета клучно за идниот успех.

Сепак, исполнувањето на многуте планирани цели на летот претставува пресвртница во развојот на вселенското летало што е клучно за растечкиот сектор на лансирање сателити на „SpaceX“, која во 2002 година ја основаше Илон Маск, и програмата за Месечината на американската национална агенција за вселенски истражуваа NASA.

Челникот на NASA, Бил Нелсон, му честиташе на „SpaceX“ на напорите кои ги нарече „успешен пробен тест“. Претседателката на „SpaceX“, Гвин Шотвел, објави на социјалната мрежа Х објави дека станува збор за „неверојатен ден“.

Двостепенското вселенско летало, кое се состои од брод за крстосување „Starship“ поставен на врвот на ракетата носач „Super Heavy“, полета од локацијата за лансирање на компанијата „Starbase“ во близина на Бока Чика Вилиџ на брегот на Мексиканскиот залив во Тексас.

Вселенското летало за многу ги натфрли своите претходни два лета кои беа прекинати  од експлозии неколку минути по лансирањата. Компанијата однапред призна дека постои голема веројатност дека и нејзиниот последен лет би можело да заврши со уништување на леталото пред завршување на мисијата.