Бајден го блокира јапонското преземање на производител на челик

Американскиот производител на челик „U.S. Steel“ мора да остане во американска сопственост, рече претседателот Џо Бајден, блокирајќи ја понудата на јапонската компанија „Nippon Steel“ од 14,9 милијарди долари.

„U.S. Steel ужива статус на легенда во американскиот челичен сектор повеќе од сто години и од клучно значење е компанијата да продолжи да биде американска компанија за челик, во домашна сопственост и управувана“, рече претседателот Бајден во изјавата објавена во четвртокот.

Во моментов не е јасно дали Бајден ќе ја блокира трансакцијата преку регулаторите. Комитетот за странски инвестиции (CFIUS), моќен панел задолжен за проверка на странските инвестиции, може да препорача блокада доколку заклучи дека аквизицијата може да влијае на националната безбедност.

Во декември Белата куќа соопшти дека предложената аквизиција заслужува „сериозна проверка“ поради клучната улога на „U.S. Steel“ во производството на челик, што значи дека е клучна и за националната безбедност.

Јапонската компанија во соопштението во четвртокот нагласи дека аквизицијата ќе донесе „јасни придобивки за U.S. Steel, синдикално организираните работници, американската челична индустрија и американската национална безбедност“.

„Ние минуваме низ процесот на анализа, вклучително и CFIUS, и веруваме во владеењето на правото, објективноста и непристрасноста што ги очекуваме од американската влада. Цврсто одлучивме да го поминеме целиот процес и да ја завршиме трансакцијата“, објавија од „Nippon Steel“.

Со цел да се примират стравувањата од потенцијални загуби на работни места, од јапонската компанија нагласија дека, под одредени услови, не планираат да отпуштат работници или да затворат челичарници до септември 2026 година.

Министерството за финансии на САД не одговорило во петокот на барањето на Reuters за коментар за блокираната јапонска понуда, а Белата куќа одбила да одговори на прашањето дали Бајден планира да ги искористи своите овластувања за да ја блокира аквизицијата.

Според пријавата во јануари, „Nippon Steel“ ветил дека ќе ги преземе „сите неопходни активности“ за да добие дозвола од CFIUS и да му плати на „U.S. Steel“ 565 милиони долари обештетување доколку ја прекрши оваа обврска.

Блокадата на трансакцијата од страна на САД може да фрли сенка на самитот Јапонија-САД и посетата на јапонскиот премиер Фумио Кишида на Вашингтон, забележува Reuters.