Руски ракетни напади на Одеса и Виница, загинаа 14 лица, а најмалку 46 се ранети

Најмалку 16 луѓе загинаа, а десетици се ранети во напади со дронови и ракети врз украинските региони Одеса и Виница, соопштија регионалните власти на 15 март. Во истовреме рускиот пограничен регион Белгород и рафинеријата во западниот регион Калуга, наводно, повторно биле цел на беспилотни летала и проектили.

Во руските ракетни напади врз пристанишниот град Одеса на Црното Море загинаа 14 лица, а најмалку 46 се ранети, изјави на Телеграм гувернерот на регионот Одеса, Олех Кипер.

„Како резултат на руските ракетни напади, загинаа 14 лица, меѓу кои и локални жители, еден лекар и еден работник на спасувачките служби“, рече Кипер.

„Ренети се уште 46 лица, меѓу кои и седуммина вработени во Државната служба за вонредни состојби… утре (16 март) ќе биде прогласен ден на жалост во Одеса и во целиот регион“, рече Кипер.

Во претходната порака Кипер рече дека по првиот напад, спасувачите се упатиле кон местото на експлозијата, само за да бидат жртви на вториот напад.

Украинското државно обвинителство соопшти дека е отворена истрага за нападите, додавајќи дека се уништени и цивилна инфраструктура, згради и возила.

Претходно, руско беспилотно летало погоди станбена зграда во Виница, главниот град на истоимениот регион во западна Украина, при што на местото на нападот загина едно лице, а четворица се повредени, изјави на Телеграм регионалниот гувернер Серхиј Борзов. Тој подоцна рече дека втората жртва, жена, починала во болница.

Украинската војска одделно соопшти дека Русија лансирала 27 беспилотни летала од типот Шахед и осум проектили врз седум украински региони.