По состанокот со германскиот канцелар Олаф Шолц и со полскиот премиер Доналд Туск, францускиот претседател Емануел Макрон изјави дека трите земји остануваат „обединети и енергични“ кога станува збор за поддршката на Украина.
-Ние делиме едно убедување: Украина е за нашата безбедност и нашата иднина. Заедничката волја е да се поддржува Украина онолку долго колку што е потребно и да не се дозволи Русија да ја добие својата војна за агресија, рече Макрон попладнево во Берлин.
Сепак, тој рече дека поддржувачите на Украина никогаш нема да преземат иницијатива за ескалација на конфликтот.
-Фактот што сите тројца денес сме обединети, ја имаме истата будност во однос на ситуацијата во Украина и сме решени никогаш да не дозволиме Русија да победи и да го поддржуваме украинскиот народ до крај, е сила за нас, нашите народи , нашата безбедност и нашата Европа“, рече тој.
Макрон не се осврна на контроверзното прашање за можно распоредување на западни копнени трупи во Украина – позиција што го стави во судир со Шолц.
Шолц го истакна единството на Германија, Франција и Полска за поддршка на Украина, и покрај јавните несогласувања меѓу сојузниците во последните денови.
-Сите тројца сме сериозни за нашата поддршка за Украина, рече тој по консултациите со Макрон и Туск.
Нагласи дека европските поддржувачи на Украина треба да купат оружје од целиот свет за да ја поддржат земјата во нејзината битка против тековната руска инвазија.
Германскиот канцелар рече и дека производството на воена опрема ќе се прошири во соработка со партнерите во Украина и дека ќе се формира нова коалиција за снабдување на Украина со ракети со долг дострел.
Шолц рече дека помошта за Украина платена преку Европската унија ќе биде зголемена и дека европските земји ќе ги користат приходите од замрзнатите руски средства за да финансираат понатамошни набавки на оружје.