Листа со над 2.500 производи – прехранбени и земјоделски, кои ќе бидат со ограничена маржа, подготви Министерството за економја, а ќе оди на увид кај стопанските комори. Повратниот одговор во вид на предлози и сугестии се очекува најдоцна за десет дена, рече министерот за економија Крешник Бектеши.
Составувањето на овој список се должи на Законот за нефер трговски практики, за кој на Светскиот ден на правата на потрошувачите – 15 март, министерот посочи дека Македонија е единствена во регионот со вакво решение, а го нема ниту во сите држави од ЕУ. Инаку, за непочитување на одредбите кои се во насока на заштита на потрошувачите, Законот предвидува високи казни, се движат до 20 илјади евра.
„Откако ќе ги добиеме нивните предлози и сугестии, како Министерство за економија ќе ја усвоиме листата. Со таа листа, секако дека сите чинители во трговијата, почнувајќи од производителите па сѐ до трговците на мало треба да ги усогласат нивните договори, што потоа ќе се произнесе со намалување на цените на домашниот пазар“, посочи Бектеши
Министерот верува дека трговците ќе бидат општествено одговорни, но доколку се случи и покрај договорот драстично да се зголемат цените, тогаш ќе се посегне по мерки, затоа што од Економија често креираат решенија за заштита на стандардот на граѓаните.
„Ако имаме големо зголемување на цените, пред сѐ на прехранбените производи, ќе и предложиме на Владата одредени мерки, сѐ со цел тоа да се ублажи. Верувам во општествената одговорност на трговците, посебно на големите синџири маркети, имајќи предвид дека поминавме низ тежок период и со увезена инфлација, а воедно и со зголемување на другите трошоци што тие ги имаа, а влијаеја врз зголемувањето на цените. Тие трошоци веќе ги нема, но во случај да ги зголемат цените Министерството за економија ќе донесе мерки во корист на граѓаните“, наведе Бектеши.
За конкретни мерки не сака да зборува бидејќи се креираат врз основа на податоци и анализи, но сепак, како можни ги посочи замрзнувањето на цените, воведувањето посебни услови за одредени трговци и во краен случај затворање на некој од синџирите супермаркети, доколку се утврди злоупотреба.