Коментарите околу големиот инцидент што се случи во Белград на натпреварот меѓу Србија и Албанија сеуште се актуелни, а сигурно ќе бидат уште одреден период. Конечната одлука ќе биде донесена од страна на УЕФА на 23. октомври, а угледниот шпански весник „АС“, потпирајќи се на анонимен извор од Европската куќа на фудбалот, најавува дека и двете селекции, и Србија и Албанија, ќе бидат исклучени од квалификациите за ЕП 2016 година во Франција.
Ако може да му се верува на весникот, согласни по ова прашање се и првиот човек на УЕФА, Мишел Платини, како и Сеп Блатер, претседателот на ФИФА. Со една таква одлука ќе се стави крај на мешањето на политиката во фудбалот, а казната ќе има и превентивен карактер кога се во прашање останатите репрезентации, односно дека во иднина нема да се толерираат такви случувања.