Ковид лекции – дали имавме проблем со интубирање пациенти во државните клиники?

Над 9 000 лица од Македонија починале поради заболување од ковид19 за време на пандемијата во периодот од 2020 до 2023 година. Најголем процент од пациентите починале на државните клиники во земјава. Нејасно е колку од овие пациенти починаа поради неможност да се изборат со вирусот, но од друга страна и колку ги загубија животите поради несоодветна грижа, непостоење на протоколи и ненавремено делување од страна на медицинскиот кадар пред да биде предоцна да се спаси еден човечки живот? Оваа Ковид криза треба да не натера да размислиме каде се слабостите на нашиот систем, а досега од неа никој ништо не научи и не презема мерки.

Пулмологот од ГОБ „8 Септември“, д-р Марјан Баловски и тогашната директорка на Клиниката за инфективни болести, д-р Милена Стевановиќ при почетокот на ковид кризата јавно апелираа до здравствените работници, пред се инфектолози да работат според зададени критериуми за начин и постапка на лекување на ковид позитивните пациенти.

„Бројката на исклучително тешки пациенти кои не се оценуваат по мое мислење или по мислењето на колегата, туку по сериозни критериуми кои се главен репер за тоа колку е еден пациент тешко болен, е нешто по кое ги оценуваме и секако сме навистина полни со вакви пациенти. Ние сите се водиме по критериуми значи не е тоа некако било како, туку по критериуми“, изјави на 19 јуни 2020 година во ТВ интервју тогашната директорка Стевановиќ.

Корона вирусот како тешко акутен респираторен синдром САРС-КоВ влијае на работата на белите дробови и дишењето на пациентите. Кај многу пациенти нивото на кислород во крвта може да падне многу ниско или „тивка хипоксија“ без тоа да го забележат здравствените лица. И токму овде е должноста на дежурните анестезиолози коишто работеа во ковид центрите да пружат максимална грижа за сите пациенти подеднакво и да биде применета интубација онаму каде што има индикација за ниско ниво на кислород, нарушено дишење и оштетувања на белите дробови.

Кај нас во Македонија, државните ковид центри се водеа по некои не строго дефинирани и произволни критериуми на поединци и не постоеше унифициран ковид протокол за сите нивоа на здравствената заштита, ниту за матични лекари, ниту за секундарно, ни терцијално здравство. Тоа го наметнува прашањето дали токму овие критериуми беа причината за високата стапка на смртност на наши граѓани за време на пандемијата.

Пациентни само во екстремно тешка состојба биле интубирани и ставани на инвазивна вентилација, иако според изјавите на доктор Баловски во интервју за 360 степени, од вкупно 136 пациенти коишто во јуни 2020 година биле примени на болничко лекување во ГОБ „8 Септември“, само 7 од нив биле поставени на респиратор. Кој бил методот на лекување на останатите 129 пациенти коишто, исто така биле со тешка клиничка слика?

Во септември 2021 година, во „8 Септември“ со Ковид-19 болнички се лечеле 90 пациенти и тоа биле пациенти со најтешка форма на болеста. Од вкупниот број хоспитализирани, 10 пациенти се ставени на сипап апарати, додека двајца се интубирани, односно се ставени на респиратор, изјави тогаш директорот, д-р Христијан Костов.

За какви критериуми тогаш говореа директорката Стевановиќ и пулмологот Баловски, според кои насоки и издадени од кого беа изготвени тие правилници или така наречени „критериуми“ за работа во ковид центрите во Скопје и внатрешноста?
На колку пациенти им е скратена можноста да преживеат затоа што инфектолози и анестезиолози немаа јасен протокол за следење и немаше критериуми за работа и третман на ковид пациенти за кои потенцираше и д-р Стевановиќ не добиле интубација, иако биле свесни дека пред се Kовид19 вирусот го нарушува респираторниот тракт и обврска на лекарите е да го стават пациентот на интубација како би му дале и најмала шанса да преживее, притоа следејќи ги основните правила во медицината.

Лекување пациенти според лично изготвени критериуми за лекување, занемарувајќи ги индикациите на пациентите коишто во тоа време беа примани во Ковид центрите, најчесто со тешка клиничка слика е еден вид на кривично дело.

Дали ќе научиме нешто зависи од нас, од системот каде сите на крај на ден се лечиме. Ако не научиме од сопствените грешки, кои за жал се бројат со човечки животи, тогаш за што зборуваме? Оваа криза треба да нѐ научи дека токму поради вакви случаи докторите беа изземени од какво било кривично гонење во Ковид кризата. Само Македонија е исклучок каде двајца доктори, Бобан Вучевски од Тетово поради модуларната болницата и д-р Жан Митрев се најдоа на обвинителна клупа.