Поднесено обвинение против Мерко

Основното јавно обвинителство Струга поднесе обвинителен предлог против градоначалникот Рамиз Мерко за несовесно работење во службата од член 353-в став 1 од Кривичниот законик. Обвинителниот предлог против Мерко, кој инаку е ставен и на црната листа на САД, е поради сомнежи дека кога назначувал директор на училиште во селото Лабуништа, тоа го направил противзаконски.

-Обвинетиот, како службено лице – градоначалник на општината Струга, на 31.01.2022 година, свесно ги повредил законските прописи за совесно постапување при именувањето на вршител на должност – директор на општинско основно училиште во селото Лабуништа. Притоа, донел решение и за вршител на должноста именувал лице кое не било од редот на вработените, како што е предвидено во членот 118 од Законот за основно образование, и немала соодветно работно искуство во воспитно-образовна работа предвидено во членот 109 од Законот, информираат од Обвинителството.

Во соопштението се додава дека така обвинетиот овозможил лицето да биде именувано на функцијата и да и се исплаќа плата како в.д. директор 19 месеци, со што на училиштето му била нанесена штета во вкупен износ на неосновано исплатените плати и придонеси.

Во август минатата 2023 година Државната комисија за борба против корупцијата и судир на интереси (ДКСК) најави дека ќе достави иницијатива до Основното јавно обвинителство (ОЈО) Струга за кривично гонење на градоначалникот на Струга, Рамиз Мерко за злоупотреба на службената положба и овластување. Во обвинителството, инаку, подоцна објавија дека има шест активни предмети во врска со Мерко.

Во јуни 2023 година Стејт департментот на САД реши градоначалникот на Струга Рамиз Мерко да го прогласи за непожелна личност за влез во САД „поради неговата вмешаност во значителна корупција“. Во писмената изјава на портпаролот на Стејт депратментот, Метју Mилер, тогаш беше наведено дека Мерко како градоначалник злоупотребил фондови и се мешал во судските и други јавни процеси.  Ваквото однесување на Мерко влијаело во намалување на довербата на населението во „демократските институции на Северна Македонија“.