Од полицијата е побарано да ги разгледа тврдењата дека најмалку еден вработен во приватна клиника во Лондон, чиишто услуги често ги користат членови на кралското семејство, се обидел да пристапи до доверливите медицински досиеја на Кетрин Мидлтон, принцезата од Велс, додека таа била хоспитализирана таму поради операција на амбдоменот, соопшти во средата британската министерка за здравство.
Барањето следеше по информациите објавени во весникот The Daily Mirror дека имало барем еден обид за пристап до приватни информации во „The London Clinic“, приватна болница во центарот на Лондон каде што Кетрин поминала две седмици во јануари. Весникот пишува дека е покрената внатрешна истрага во болницата во којашто, покрај прицнезата Кејт, се лекувал и британскиот крал Чарлс Трети.
Министерката за здравство Марија Колфилд изјави дека правилата за пристап до доверливи медицински информации за пациентите се „многу, многу јасни“.
„Освен во сличај кога се грижите за одреден пациент или тој во дал согласност да ги видите информациите, не треба да имате пристап до нивните медицински досиеја“, изјави таа за радиото LBC, додавајќи дека „од полицијата е побарано да го разгледа случајот“..
Во соопштението на лондонската полиција се наведува дека „во моментов не е запознаена со такви податоци“.
Во меѓувреме, Канцеларијата на комесарот за информации на Обединетото Кралство (ICO) ги истражува тврдењата. Оваа канцеларија го надгледува спроведувањето на регулативите за заштита на податоците и слободата на информации низ Велика Британија.
„Можеме да потврдиме дека добивме извештај за прекршување и ги проценуваме добиените информации“, изјави во вторникот портпаролот на Канцеларијата.
„Цврсто веруваме дека сите наши пациенти, без оглед на нивниот статус, заслужуваат целосна приватност и доверливост во однос на нивните медицински информации“, одговориле за The Daily Mirror од лондонската клиника.
Портпаролот на Кенсингтонскиот дворец одбил да ја потврди или негира информацијата, објаснувајќи дека се работи за клиниката во Лондон.