Албанија го продолжува учеството на воените трупи во КФОР до 2027 година

Албанската влада на денешната седница одлучи до 31 декември 2027 година да го продолжи учеството на вооружените сили во рамки на КФОР на Косово, јави државната агенција АТА.

Поточно, времетраењето на оваа мисија беше одлучено од 31 декември 2024 година да се продолжи до 31 декември 2027 година.

Се менува и износот на средства што го добиваат дневно, покрај месечната плата. Наместо досегашните 6 илјади леки сега ќе добиваат по 12 илјади или 120 евра дневно.

Одлуката предвидува дека периодот на престој во мисијата за секој претставник ќе биде со систем на ротација на секои 6 месеци и 1 година за позицијата ACOS SPT.

Средствата за оваа намена се на товар на буџетот на Министерството за одбрана.

Албанија, како дел од НАТО, во рамките на КФОР има над 100 свои војници.