
Полските земјоделци со трактори и ракети во средата ги блокираа патиштата ширум земјата во најновата ескалација на протестите против еколошките регулативи на Европската унија кои одат на нивна штета и евтиниот увоз на храна од соседна Украина, кој блокот привремено се согласи да го продолжи.
На еден од транспарентите, како што пренесува Reuters, бил прикажан земјоделец кој се ниша на бесилка и џелатот означен како ЕУ со пораката „Зелениот договор е еднакво на смрт за полското земјоделство“, што се однесува на планот на блокот за наводното справување со климатските промени.
Земјоделците во Полска, но и во бројни земји од ЕУ протестираа во последниве месеци, со барање за повторно воведување на царинските давачки за увоз на земјоделски производи од Украина кои беа укинати по руската инвазија во 2022 година, како и од други земји надворе од континентот. Тие велат дека украинските земјоделци ја преплавуваат Европа со евтин увоз на штета на омашнот производство и воопшто ја намалува нивната конкурентност на пазарите.
Со стотиците локални протести низ Полска, покажуваат телевизиските снимки, земјоделците ги блокираат патиштата кон главниот град Варшава. Трактори со истакнати полски знамиња се оставени на коловозите, а демонстрантите балат факели.
„Бараме повлекување на Зелениот договор во целина, бараме повлекување на „Fit for 55“ (климатскиот план на ЕУ), границите на сите емисии, сите забрани и наредби“, изјави организаторот на протестот Лукаш Коморовски, зборувајќи со колегите земјоделци кои се собраа на блокадата кај Закрет, источно од Варшава.
Во средата ЕУ постигна привремен договор за продолжување на бестарифниот пристап на украинските производители на храна на нејзините пазари до јуни 2025 година, иако со нови ограничувања за увозот на житарки. Минатиот петок, Европската комисија, исто така, им понуди отстапки на земјоделците бидејќи предложи олеснување на правилата за оставање на земјиштето за ли ротирачки култури.
Водачите на полските протести рекоа дека не се задоволни со најновиот договор, бидејќи ги вклучува последните неколку години како референца за ограничувања на увозот. Тие сакаат квоти врз основа на бројките од далеку пред почетокот на војната во Украина, кога увозот беше многу помал.
„Бараме квоти и тие да се пресметуваат за периодот од 2000 година, а не како што сака Украина од 2022 до 2023 година, затоа што тогаш нивото на (увозот) беше највисоко. Ова не нѐ задоволува целосно, бидејќи не е добро решение“, изјави за Reuters Славомир Издебски, лидер на синдикатот на земјоделците OPZZ.
Полската полиција соопшти дека регистрирале повеќе од 580 протести планирани за среда, со учество од околу 70.000 луѓе. Слични протести одржаа и земјоделците во Чешка, каде на патиштата и градските улици излегоа со околу 1.600 трактори и друга земјоделска механизација, изјави за Чешката телевизија Барбора Панкова, портпарол на Чешката аграрна комора.