Млада докторка од Геријатрија загина во сообраќајка во Скопје, колегите во неверување: Сите нѐ смрзна, сите не замолчи во еден миг

Докторката Моника Лукровска загина во сообраќајката која пред два дена се случи на магистралниот пат кој води од Скопје до Блаце. Таа работеше во Специјализираната болница за геријатрија во Скопје. Мајка е на две малолетни деца.

„Остави траги и многу спомени зад себе.Денес сите не смрзна,сите не замолчи во еден миг. Во еден миг застана се и само погледи се ширеа со силна воздишка и солза меѓу нас а без глас.Добриот човек секогаш ќе се памти. Ти беше херој,професионалец ,пријател и колега со срце и милост.Секогаш зрачеше со позитивна енергија без разлика на секојдневието. Денес не обои во црно, Ќе недостасуваш многу. Почивај во мир“, напишаа колегите од болницата.

Претходно, МВР објави детали за несреќата.

„На 20.03.2024 во 21.45 часот во СВР Скопје било пријавено дека на магистралниот пат Скопје – Граничен премин Блаце се случила сообраќајна несреќа помеѓу патничко возило „опел“ со скопски регистарски ознаки, управувано од М.Л.(40) од Скопје и патничко возило „фолксваген голф“ со скопски регистарски ознаки, управувано од Р.В.(52) од с.Сарај, скопско. Од здобиените повреди на местото починала М.Л., а смрт констатирал лекар од Итна медицинска помош. Со тешки телесни повреди се здобиле возачот Р.В. и неговата сопатничка А.И.(25), а со телесни повреди се здобиле сопатничката З.В.(47) и двајца малолетни сопатници, сите од возилото „фолксваген голф“, констатирани во Комплексот клиники „Мајка Тереза“. Извршен бил увид од јавен обвинител и увидна екипа од СВР Скопје“, објавија од МВР.