Британската принцеза Кејт има рак

Британската принцеза од Велс, Кетрин Кејт Мидлтон, во петокот објави дека боледува од рак и оди на хемотерапија. Болеста е откриена за време на операција во јануари.

Кејт, сопругата на принцот престооналсеник Вилијам, во објавената видео порака им се заблагодарува на сите за поддршката по операцијата и вели дека „изминативе месеци биле исклучително тешки за целото семејство“.

„Во јануари имав голема операција на абдоменот во Лондон и тогаш не мислев дека мојата состојба е рак. Операцијата беше успешна, но тестовите по неа покажале присуство на рак“, изјави британската принцеза и додава дека лекарскиот тим ја советувал да оди на „превентивна хемотерапија“, која веќе ја започнала.

Детали за видот на ракот не се откриени, но Кенсингтонскиот дворец објави дека е извесно дека принцезата целосно ќе закрепне, јавува BBC.

„Сето тоа беше огромен шок и Вилијам и јас правиме се што можеме за да го обработиме и да го поминеме во приватност заради нашето младо семејство“, рече Кејт, мајка на три деца.

Во видеото таа бара разбирање дека ќе им треба „простор и приватност“ за време на лекувањето, па додава дека нејзините должности отсекогаш и носеле „чувство на радост“ и дека едвај чека да им се врати.

„Во овој момент мислам и на сите оние чии животи се погодени од рак. Ги молиме сите кои се соочуваат со оваа болест, во која било форма, да не губат верба и надеж. Не сте сами“, вели Кејт.

Британскиот крал Чарлс Трети во исто време се лекува од рак.