ВИДЕО| Уапсен еден од терористите во Москва

Еден од учесниците во вечерашниот терористички напад во концертната сала Крокус во Москва е уапсен, неофицијално јавуваат медиуми.

На социјалните мрежи е објавено видео од апсењето, а сѐ уште не се знае кој стои зад напаѓачите и кој бил мотивот за нападот во кој загинаа повеќе од 40 лица, а над 100 се повредени.

Медиумите јавуваат дека некои луѓе биле евакуирани директно од покривот на зградата, чиј еден дел бил опожарен. Полицијата и итните служби се на терен.

Да потсетиме, – пукањето се случило во трговскиот центар Crocus City Hall

Група мажи вооружени со автоматско оружје прво отвориле оган врз обезбедувањето на влезот во концертната сала. Потоа пукале во гледачите во фоајето, соопштија од оперативните служби, а луѓето почнаа да бегаат од салата.

Набрзо дошло до експлозија и пожар, а луѓето панично почнале да бегаат од трговскиот центар. Многумина останале заробени поради пожарот во зградата.

Како што пренесуваат медиумите, по пожарот почнал да се урива покривот на салата. Во моментот на пукањето во салата се наоѓале околу 6.200 луѓе, јави Би-би-си.