Сајмон Харис го наследува Лео Варадкар како ирски премиер

Сајмон Харис ќе го наследи ирскиот премиер Лео Вардкар откако во неделата беше избран без противкандидат за нов лидер на партијата Фин Гаел.

Харис, 37-годишниот министер најпознат по својата улога во првичниот одговор на пандемијата на ковид-19, им порача на членовите на партијата дека негови приоритети ќе биде да им помогне на малите бизниси, да се фокусира на законот и редот и да ги реши прашањата за миграцијата.

Ќе стане премиер кога ќе го изгласаат пратениците во ирскиот парламент, кој треба да се состане на 9 април. Харис ќе стане најмладиот ирски премиер во историјата и треба да биде избран со гласовите на неговата партија Фин Гаел и нејзините коалициски партнери.

Харис ќе има околу една година да ја спаси коалицијата од пораз на парламентарните избори. Анкетите во изминатите три години покажаа дека Шин Фејн, левичарската партија која го поддржува обединувањето со Северна Ирска, британска провинција, најверојатно ќе ја води новата влада.

Варадкар ги шокираше сите со објавувањето на неговото заминување во средата, изненадувајќи ги дури и неговите најблиски политички соработници, велејќи дека Фин Гаел ќе има поголеми шанси за реизбор под друг лидер.

Харис изминативе денови зборуваше за тоа како се вклучил во политиката како „своеглав каприциозен тинејџер“ кој бил гневен поради недостатокот на образовна поддршка за неговиот брат со аутизам. Тој се обиде да се окарактеризира себеси како „случаен политичар“, иако поголемиот дел од својот возрасен живот го помина во парламентот.

Тој е еден од најистакнатите ирски министри со силно медиумско присуство. Еден противник го нарече Харис „TikTok taoiseach“ (кованица од ирскиот збор за премиер) поради неговата употреба на социјалните медиуми.

И додека економијата силно порасна во мандатот на Варадкар, последователните влади се бореа со децениска станбена криза и, од неодамна, притисок од рекордниот број баратели на азил и бегалци. Наследувањето на трипартиска коалициска влада што ќе ја исполни договорената политичка агенда ќе му остави малку простор на Харис за какви и да се нови политички иницијативи.