Белата куќа во понеделникот соопшти дека е „длабоко разочарана“ поради тоа што премиерот Бенјамин Нетанјаху ја откажа планираната посета на високо ниво на израелска делегација на Вашингтон, откако Соединетите држави се воздржаа при гласањето во Советот за безбедност при Обединетите нации за резолуција со која се бара итен прекин на огнот во Газа.
Претходно во понеделникот првпат по повеќе од пет месеци војна во Појасот Газа, Советот за безбедност на ОН конечно усвои резолуција со која се повикува на „итен прекин на огнот“. САД претходно ја отфрлаа формулацијата „прекин на огнот“ и досега го користеа правото на вето за да го заштата својот сојузник Израел кој тврди дека води војна против милитантите на Хамас.
Израелското армиско радио непосредно пред почетокот на состанокот на Советот објави дека израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху ќе ја откаже планираната делегација во Вашингтон доколку САД повторно не стават вето на резолуцијата.
„Тоа е разочарувачки. Многу сме разочарани што тие нема да дојдат во Вашингтон за да ни дадат можност да имаме детална дискусија со нив за остварливи алтернативи за нивното присуство на теренот во Рафах“, изјави за новинарите портпаролот на Белата куќа, Џон Кирби.
Но додаде дека високи американски претставници сепак ќе се сретнат одделно со израелскиот министер за одбрана Јоав Галант, кој моментално е во Вашингтон, за да разговараат за прашања поврзани со заложниците, хуманитарната помош и заштитата на цивилите во јужниот палестински град Рафах.
Портпаролот на Белата куќа нагласи дека политиката на САД не е променета и покрај одлуката да се воздржат од гласање во Советот за безбедност на ОН. Кирби рече дека американските претставници, како дел од тековните дискусии меѓу двете влади, би можеле да продолжат да зборуваат за загриженоста на Вашингтон за политиката на Израел во Појасот Газа.
„Ништо не се промени во нашата позиција, а тоа е дека голема копнена офанзива во Рафах би била огромна грешка“, рече Кирби.
Израелскиот министер за одбрана пред состанокот во Белата куќа во понеделникот изјави дека Израел не може да ја запре војната против Хамас додека сѐ уште има заложници во Газа. Галант, според соопштението од неговиот кабинет, рекол дека ќе ја нагласи важноста од уништување на Хамас и враќање на заложниците дома на состанокот со американскиот советник за национална безбедност Џејк Саливан.
„Ќе дејствуваме против Хамас насекаде – вклучително и места каде што сè уште не сме биле. Немаме морално право да ја запреме војната додека во Газа се уште има заложници“, додаде Саливан.