До крајот на 2026 година да се пролонгира рокот за завршување на автопатот Кичево-Охрид. Ова го предложи Владата на денешата седница, шри што е утврден предлогот одредби за законски дополнувања, со цел склучување нов, шести по ред, анекс на Договорот за изградба со кинески „Синохидро“.
-Владата на предлог на Министерството за транспорт и врски, ја разгледа Информацијата за потребата од донесување Закон за дополнување на Законот за реализација на инфраструктурни проекти за изградба на патна делница Миладиновци – Штип и патна делница Кичево – Охрид, заради склучување Анекс бр.6 кон Договорот за изградба на автопат, делница Кичево – Охрид и ги утврди предлог одредбите на дополнувањето. Со законските дополнувања, 31.12.2026 година се предвидува како краен рок до кога изведувачот треба да ги заврши работите на оваа автопатска делница. Причина за пролонгирање на рокот за изградба се 13 нови свлечишта што се појавија на трасата, како резултат на првичниот несоодветен проект и предвремен почеток на изградба на оваа делница, информира владината прес-служба во соопштение по седницата.
Автопатската делница Кичево-Охрид на Коридорот 8 почна да се гради во февруари 2014 година. Изградбата на автопатот со вкупна должина од 57 километри првично беше проектирана на 374 милиони евра, за по неколку анекси на договорот и продолжувања на роковите неговата цена да достигне 598 милиони евра.
На крајот на минатата година ресорното министерство ангажираше експерт за Фидик-договори задолжен да направи анализа на Договорот за изградба на автопатската делница. Ангажираното вешто лице доставило извештај до Владата во која се посочуваат три опции – да се продолжи договорот со изведувачот „Сајнохидро“, продолжување на договорот со пенали и како трета опција целосно раскинување на договорот.
а владина седница пред новогодишните празници беше усвоена Информацијата за Договорот за изградба на автопатот, со препорака за продолжување на активностите со доизградба, преку склучување анекс на договор со „Синохидро“ за продолжување на рокот за изведба со искористување на веќе обезбедените финансиски средства.